Сметаме дека заедничката мисија со Фронтекс ќе даде исклучително добри резултати во целиот регион бидејќи тука е вратата на Европа. И ова е една крупна политичка порака која ја праќа и Европската Унија за отвореноста и потребата земјите од Западен Балкан да бидат дел од ЕУ затоа што, и ако погледнете со кризата, односно инвазијата на Русија врз Украина, се отвори потреба од консолидација на Унијата, рече министерот за внатрешни работи
Извршниот директор на Фронтекс, Ханс Лајтенс, кој го нарече почетокот на заедничката операција „историско патување“, рече дека мисијата нема да биде во земјава само да помага, туку и да учи од македонската полиција за спецификите на балканските мигрантски рути
Потпишувањето на договорот со Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и денешниот старт на заедничката операција со Северна Македонија за заштита на границите, според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, со себе носи и политичка порака од Европската Унија. Пораката, како што рече Спасовски, е потребата С Македонија и останатите земји од Западен Балкан да станат дел од ЕУ, како дел од процесот на консолидација на Унијата.

Министерот ова го кажа на заедничката прес-конференција со извршниот директор на Фронтекс, Ханс Лајтенс, на која, одговарајќи на новинарско прашање, се осврна на важноста на одлуката на ЕУ да склучува договори со трети земји за заедничко справување со последиците од миграцијата.
„Почетокот на (мигрантската) криза во 2015 година имаше разни пристапи кон решенија за справување со последиците од миграцијата. Некои од државите сметаа дека ќе треба да градат сопствена политика, сопствени капацитети. Ние како држава тогаш и сега веруваме дека само со заедничка политика и заеднички пристап можеме успешно да ги решиме сите овие проблеми и затоа е многу важно што ние го потпишавме овој договор и затоа сметаме дека заедничката мисија со Фронтекс ќе даде исклучително добри резултати во целиот регион бидејќи тука е вратата на Европа и нема да биде заштитена Европа и европските граѓани доколку не им се помогне на државите од Западниот Балкан. И ова е една крупна политичка порака која ја праќа и Европската Унија за отвореноста и потребата земјите од Западен Балкан да бидат дел од Европската Унија, затоа што, и ако погледнете со кризата, односно инвазијата на Русија врз Украина, се отвори потреба од консолидација на Европската Унија, консолидацијата не може да ја има во Европската Унија ако Северна Македонија и земјите од регионот не бидат дел од ЕУ“,
рече министерот за внатрешни работи.
Тој рече дека очекува одлични резултати од заедничката операција со Фронтекс, и иако е предвидено нејзиниот мандат да биде до јануари 2024 година, рече дека е убеден оти таа ќе биде продолжена.
„Знаете дека мисијата може да се продолжува, јас сум апсолутно убеден дека тоа ќе го направиме и по јануари 2024 година и како држава ќе можеме единствено да сведочиме за важноста од заеднички мисии заради тоа што знаете дека од 2016 година до денеска практично ние имаме заеднички билатерални акции. Важно е заеднички оперативно да постапуваме, да ги разменуваат полициските службеници, искуствата, меѓутоа да имаме и брзи и навремени информации за тоа што ни се случува и какви мерки треба да бидат преземени. Така да, ова е одлична акција којашто ја реализираме за нашите и европските граѓани“,
изјави министерот за внатрешни работи.






Прашан дали присуството на службениците на Фронтекс ќе ја направи западнобалканската рута помалку атрактивна за мигрантите и колку нивното присуство ќе биде решение, извршниот директор на Агенцијата, Лајтенс, изјави дека со мисијата ќе се обезбеди поголем квалитет и поголема безбедност на границите.
„Би сакал ова да биде решение, тогаш мигрантите ќе престанат да ја користат оваа или било која рута. Ќе биде подобро и за мигрантите бидејќи нема да бидат во рацете на криминални банди и шверцери. Мислам дека е важно што ние додаваме вредност, ќе бидеме поприсутни и тоа ќе обезбеди поголем квалитет и поголема безбедност на границите и јас се надевам и убеден сум дека тоа ќе помогне во борбата против криминалот и ќе им помогне на оние на кои им е потребна нашата помош. Соработката е одличен пример за тоа како Фронтекс сака да соработува со трети земји, со вас и со останатите земји што го сносат товарот на мигрантските рути“,
рече Лајтенс.
Според него не станува збор само за борба против мигрантските рути, туку и против криминалот, конкретно шверцот на мигранти, кој, како што рече, е едно од најлошите кривични дела со кои можеме да се соочиме.
Лајтенс, кој го нарече почетокот на заедничката операција „историско патување“, рече дека мисијата на Фронтекс нема да биде во земјава само да помага, туку и да учи од македонската полиција за спецификите на балканските мигрантски рути.
„И затоа е важно да го преземеме наредниот чекор во Западен Балкан и можам да кажам дека ова е важен чекор за Владата на Северна Македонија затоа што е отворена за оваа соработка, ја сака нашата помош и ние сме задоволни што можеме да им помогнеме, но истовремено и ќе учиме од вашите полициски службеници затоа што сакаме да ги знаеме специфичните карактеристики на балканските мигрантски рути и токму поради тоа се потребни заеднички операции и активности, не само со Северна Македонија, туку и со останатите западнобалкански земји и јас сум убеден дека ќе постигнеме успех, но ова е маратон, а не спринт“,
изјави извршниот директор на Фронтекс.
Инаку, на свечената церемонија по повод почетокот на заедничката операција, чии домаќини беа Спасовски и Лајтенс, свое обраќање имаше и премиерот Димитар Ковачевски кој рече дека како нација сме горди што договорт со Фронтекс е прв потпишан договор со Европската Унија на македонски јазик, без додавки, фусноти и ѕвездички, што е доказ за заштитата на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, кои, со овој документ, се поставени на европско рамниште, заедно со сите други јазици и идентитети на земјите членки на ЕУ.

„За нас Фронтекс значи заштита на нашите граници, значи заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата држава, значи навремен одговор за сите безбедносни ризици по нашата земја, значи безбедност и мирен сон за нашите деца, значи контрола на миграциските движења, значи справување со меѓународниот криминал, значи признавање на нашите цврсти заложби за зачувување и промовирање на македонскиот јазик на нашиот евроинтеграциски пат, значи можности за примена на професионални европски стандарди и зачувување на меѓународниот мир и безбедност“,
рече Ковачевски.
Осврнувајќи се на предизвиците и на тежината со која понекогаш треба да се носат храбри и вистински одлуки, Ковачевски рече дека нема враќање назад и оти единствениот стабилен и безбеден пат за земјата е Европската Унија.
Инаку, како што што посочија и Спасовски и Лајтенс во своите воведни говори на настанот, Фронтекс во текот на 2023 година ќе распореди повеќе од 100 службеници на постојаниот корпус на грчката граница како и патролни возила и специјална опрема кои ќе обезбедат поддршка во идентификацијата и регистрацијата на мигрантите и ќе помогнат во регистрацијата на ранливите групи.
„Не треба да заборавиме дека зад секоја статистичка бројка е човечка приказна и луѓето кои ги поминуваат нашите граници се мажи, жени и деца кои биле принудени да излезат од своите домови и да побараат подобар живот или се жртви на криминал. Секогаш треба да се потсетуваме дека мисијата секогаш не е да се заштитат границите, туку да се заштитат животите. Ова операција ја нагласува соработката на Европската Унија и Северна Македонија, нашите службеници доаѓаат од 30 земји, ние сме како едно, обединети во нашата цел. Целта на соработката е контрола на миграторните движења, борбата против прекуграничниот криминал – вклучително шверц на мигранти и трговија со луѓе, борба против тероризмот и унапредување на европската соработка на границите со Грција, Србија, Албанија“,
рече Лајтенс.
Договорот со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража – Фронтекс беше потпишан на 26 октомври минатата, а стапи на сила на 1 април оваа година. На потпишувањето на договорот присуствуваше и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која со делегација на ЕК беше во официјална посета на земјава.
Договорот од име на ЕУ го потпишаа амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва, како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ, и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, која беше дел од делегацијата на Фон дер Лајен. Од македонска страна, пак, потпис стави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На 13 февруари оваа година Собранието со 61 глас „за“ го донесе Законот за ратификација на договорот со Фронтекс, со што тој стана дел од внатрешниот правен поредок на земјава.