Поради верскиот празник Рамазан Бајрам, утре автобусите на ЈСП ќе возат по неделен распоред, а „Градски паркинг“ ќе ги крене рампите на дел од нивните паркиралишта

Утре, поради верскиот празник Рамазан Бајрам, јавниот превоз во Скопје ќе сообраќа по неделен возен ред, а на дел од јавните паркиралишта нема да се врши наплата.
Од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ информираат дека автобусите утре и во сабота ќе сообраќаат по неделен возен ред. Билетарниците и центрите за персонализација утре нема да работат, а во сабота ќе бидат отворени со редовно работно време.
„Жичарницата на Водно ќе функционира вообичаено, од 10 до 18 часот, при што од 17 до 17:30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 17:45 часот е последно возење од врвот надолу“,
додаваат од претпријатието.
Од Јавното претпријатие „Градски паркинг“ информираа дека на дел од нивните паркиралишта утре нема да се врши наплата. Станува збор за паркиралиштата „Народен фронт“, „АМСМ“, „Дом на печат“, „ЗОИЛ“, „Тутунски комбинат“ и „8-ми Септември“.
„Зонските паркиралишта, исто така, ќе бидат слободни за паркирање – без наплата“,
информираат од ЈП „Градски паркинг“.
Јавните паркиралишта, пак, „Кочо Рацин“, „Градска болница“, Клинички центар „Мајка Тереза“, „Треска“, како и катните гаражи „Беко“ и „26 Јули“, ќе работат со редовно работно време и со наплата од 00:00 до 24:00 часот.