Осомничениот бил приведен денеска околу 15 часот, а од четворицата мигранти кои биле пронајдени во возилото што го управувал, еден бил малолетник
Педесет и седумгодишен скопјанец денеска попладне бил приведен на локалниот пат Прдејци – Смоквица, откако полицијата во возилото што го управувал пронашла четворица мигранти од Сирија.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, скопјанецот со иницијали Н. Р. бил приведен околу 15 часот од полициска екипа од Регионалниот центар за гранични работи „Југ“.
„При преглед во возило ‘фолксваген пасат’ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени четири лица мигранти од Сирија, од кои еден малолетник. Н. Р. бил задржан во полициска станица, а мигрантите се сместени во прифатно-транзитен центар“,
се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму додаваат дека по целосното документирање на случајот, а во координација со јавен обвинител, против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава.