По само година и пол владеење во Општина Центар, Герасимовски се стави над прописите и законите и своеволно одлучи да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината – како што е вклопување на Конкурсот во ново урбанистичко решение за локалитетот на фабрика Треска, велат од „Шанса за Центар“
Новото раководство на Општина Центар преку Град Скопје повело постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З11, локалитети Буњаковец 1 и 2. Носењето на овој план, велат од Центар, значително би ја олеснила процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката „Треска“, со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, ги крши одлуките и прописите и работи спротивно на сопствените предизборни ветувања, обвинија денеска од „Шанса за Центар“.
„Деновиве се објави дека се издадени првите одобренија за продажба на државно земјиште во комплексот ‘Треска’. Со тоа се дооформуваат парцели, што е чекор пред издавање градежни дозволи. Потсетуваме дека 47 отсто од целокупното земјиште на таа локација е државно. Тоа значи дека ќе се гради според незаконскиот план скандалозно донесен во 2012 година. Со тоа се распрсна уште едно предизборно ветување на СДСМ, кога при промената на власта во 2017 година со сите сили застанаа против тој незаконски план и ветија дека ќе се поништи“,
реагираше денеска на прес-конференција Јана Белчева од „Шанса за Центар“
Таа потсети на изјавите кои градоначалникот Герасимовски ги дал пред изборите во врска со земјиштето кај „Треска“.
„Пред изборите изјави: ‘Ќе го слушам гласот на граѓаните и никогаш нема да дозволам просторот да биде наметната населба. Токму затоа и се планира по пат на јавен конкурс, за што е прифатена е иницијатива на група граѓани и архитекти за урбанистичко уредување… Јавниот конкурс завршува на први октомври и ве уверувам дека општината под мое раководство целосно ќе го почитува овој процес и отворено ќе го комуницира со јавноста во секој чекор’. По само година и пол владеење во Општина Центар Герасимовски се стави над прописите и законите и своеволно одлучи да не ги спроведува одлуките на Советот на Општината – како што е вклопување на Конкурсот во ново урбанистичко решение за локалитетот на фабриката ‘Треска’“,
рече Белчева.
Таа му порача на градоначалникот на Центар дека ќе остане запаметен како човек кој го продал државното земјиште во „Треска“ кое можело да се искористи за јавна намена – од детски градинки, игралишта и зеленило, до места за трафостаници и контејнери или друг јавен простор. Со овој чекор, трајно се запечатува можноста за поинакво решение на тој последен слободен простор во центарот, кој да потсетиме, скоро 50 отсто е на граѓаните, нагласи Белчева.
Од Општина Центар реагираа дека „Шанса за Центар“ и Јана Белчева изнеле низа на лаги и манипулации за просторот кај поранешна „Треска“, „кои најостро ги отфрламе“.
„Прво, ‘Шанса за Центар’ манипулира постојано со површината на државното земјиште. На површина од 41 000 м2, 47 отсто е државно земјиште, од кое само околу 10 отсто е предмет на дооформување и таа постапка за дооформување на градежни парцели е законска обврска на општината. Останатите 37 отсто се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниедна основа. Општината ниту распродава, ниту отуѓува. Напротив, градоначалникот Герасимовски се заложи на просторот да биде донирана и изградена градинка и парк, а блоковското зеленило да биде над задолжителните 20 отсто на парцелите. Не само што нема бетонизација, туку се обезбедува парк и повеќе зеленило како и јавни површини“,
посочија од Општина Центар.
Оттаму додаваат дека новото раководство на Општина Центар преку Град Скопје повело постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З11, локалитети Буњаковец 1 и 2. Носењето на овој план, велат од Центар, значително би ја олеснила процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката „Треска“, со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот.
„Сѐ до носењето на ваквиот регулациски план, општината ниту може законски, ниту пак има надлежност да стопира правни постапки на сопствениците. За тоа кривично се одговара! Ја прашуваме Белчева дали општината треба да го прекрши законот или некој кривично да одговара за институционално блокирање на граѓаните во реализација на нивните права? Дали таа и ‘Шанса за Центар’ ќе ги плаќаат пеналите за евентуалното непостапување? Дали предлага да се повтори нова бесправна постапка како со мораториумот кој го иницираше токму Белчева, свесна дека е незаконски и невозможен?“,
соопштија од Општината.
Оттаму нагласија дека конкурсот кој го распишала Јана Белчева, која претседавала со Советот на општината, во реалноста не може да се реализира.
„Нема ниедна законска можност, ниту пак тој конкурс е спроведен согласно закон, за истиот на кој било начин да се користи. На истиот начин, спротивно на законот, беше спроведен мораториумот кој подоцна беше поништен, а од кој штета трпеа само граѓаните. ‘Шанса за Центар’, чии членови во континуитет изминатите пет и пол години се дел од власта во општината, не направи ништо за урбанизмот, не донесе ниту еден значаен ДУП, ниту пак на било кој начин ја подобри состојбата на граѓаните“,
децидни се од Општина Центар.