Ние имаме закони кои важат, доколку се донесат законски решенија кои ќе предвидат други услови за работа, тогаш ќе се аплицираат тие други услови. Инаку, и сега кај нас согласно законските решенија може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Така што има голем број работници кои работат и 50 часа, по свој избор и со своја согласност, вели премиерот
И без законски измени, кај нас може да се работи над 40 часа неделно, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски за предлог-измените на Законот за работни односи со кои градежните работници на коридорите 8 и 10-д кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“ ќе треба да работат повеќе од 40 часа неделно.
„Ние имаме закони кои важат. Доколку се донесат законски решенија кои ќе предвидат други услови за работа, тогаш ќе се аплицираат тие други услови. Инаку, и сега кај нас согласно законските решенија може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Така што има голем број работници кои работат и 50 часа, по свој избор и со своја согласност“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при денешниот увид на градежните активности за изградба на социјална зграда во Бутел.
Со предлогот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, кој е доставен пред пратениците, Владата сака да се издејствува работниците што ќе бидат ангажирани на изградбата на коридорите да работат повеќе од 40 часа неделно.
Според предлогот на пратениците од власта, сега се бара измена на членот 117 од Законот за работни односи кој ја регулира прекувремената работа, односно се предлага по ставот 7 да се додаде нов став, 8 во кој е наведено:
„По исклучок од ставовите (1), (2) и (7) на овој член прекувремената работа може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.“
Ова значи дека пратениците предлагаат прекувремената работа на работниците во случаите кои се од национален и стратегиски интерес, како што е проектот „Бехтел и Енка“, да може да трае подолго од пропишаните осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно. Но, истовремено не кажуваат колку е новата граница за прекувремена работа, што значи дека нема ограничување колку часови дополнително може да работи еден работник.
Премиерот, повторувајќи дека изградбата на коридорите 8 и 10-д е најголемиот инфраструктурен проект во државата, рече дека 51 отсто од работите, според Договорот, треба да се изведат од страна на македонски изведувачи.
„Тоа значи македонски работници, инженери, механизација, која веќе постои тука. Меѓутоа голем дел ќе биде и од странство, а тоа е на компанијата изведувач и проектант, ‘Бехтел и Енка’, кои веќе имаат искуство во изградба на вакви големи проекти и имаат искуство од каде и каков профил на работници ќе донесат за да се направи. Бидејќи 51 отсто треба да е од Северна Македонија се надевам дека ќе имаме и толку работници, механизација и материјали кои ќе можат да бидат имплементирани во проектот“,
вели Ковачевски.
Ковачевски рече дека Коридорите 8 и 10-д ќе почнат да се градат и ќе се изградат.
„Сите оние кои што не сакаат да ја видат државата со модерна инфраструктура и кои не сакаат да ја видат поврзана со земјите со регионот, за жал ќе мораме да ги разочараме дека ќе има и коридор 8 и коридор 10-д и членство во ЕУ, исто како што има членство во НАТО“,
рече Ковачевски додавајќи дека сите договори кои се дел од работата на ЈПДП имаат деловна тајна и назнака на доверливост бидејќи содржат технологии на работа, структури на управување и поради заштита од конкуренцијата овие договори се такви.