Тројца вработени во Светската програма за храна (WFP), тело на ОН што доставува помош во храна за ранливите заедници, беа убиени откако РСФ и вооружените сили размениле оган во воената база во Кабкабија, на западот на земјата

Во борбата за власт меѓу армијата и паравоените сили во Судан загинаа најмалку 56 лица, а 595 се повредени, соопшти Централниот комитет на суданските лекари, пишува Би-би-си.
Жителите го избегнуваа пукањето во главниот град Картум, додека ривалските сили се бореа околу претседателската палата, државната телевизија и воениот штаб. Во главниот град загинаа 25 лица, меѓу кои 17 цивили, соопшти медицинската организација.
Судирите избија по тензиите околу предложената транзиција кон цивилно владеење. И армијата и нејзините противници, паравоените сили за брза поддршка (РСФ), презедоа контрола над аеродромот и други клучни локации во Картум, каде што борбите продолжија во текот на ноќта.
Убиени тројца вработени во Светската програма за храна
Денеска во раните утрински часови се слушна тешка артилерија во Омдурман, кој се граничи со Картум и блискиот Бахри. Очевидци информираа и за пукање во градот Порт Судан на Црвеното Море.
Војската соопшти дека авионите биле насочени кон базите на РСФ, а воздухопловните сили на земјата им рекле на луѓето да останат во своите домови синоќа, додека вршеле воздушно надгледување на паравоените активности.
Тројца вработени во Светската програма за храна (WFP), тело на ОН што доставува помош во храна за ранливите заедници, беа убиени откако РСФ и вооружените сили размениле оган во воената база во Кабкабија, на западот на земјата.
Зошто дојде до конфликтот?
Генералите владеат со Судан по пучот во октомври 2021 година. Борбите се водат меѓу воените единици лојални на де факто лидерот, генералот Абдел Фатах ал-Бурхан и РСФ. Со паравоените сили командува суданскиот заменик-лидер Мохамед Хамдан Дагало, познат и како Хемедти.
Генералот Дагало рече дека неговите трупи ќе се борат додека не бидат заробени сите воени бази. Како одговор, суданските вооружени сили ја отфрлија можноста за преговори „до распуштање на паравоените сили на РСФ“. Насилството избувна по неколкунеделни тензии меѓу началникот на армијата Ал Бурхан и паравоениот командант Мохамед Хамдан Дагл околу планираната интеграција на РСФ во редовната армија.
Тоа беше клучен елемент на преговорите за финализирање на договорот што ќе ја врати земјата во цивилно владеење и ќе стави крај на кризата предизвикана од државниот удар во 2021 година, кој ја продлабочи економската криза во една од најсиромашните земји во светот.
Во соопштението на паравоените сили се наведува и дека ги освоиле аеродромите во северниот град Мерове и во Ел-Обеид на запад.
Жителите бегале и барале засолниште
Во Картум луѓето беа снимени како трчаат и бараат засолниште додека црн чад се издига над градот. Репортерот на Ројтерс рече дека на улиците има оклопни возила, додека на снимката се гледа како гори цивилен авион на аеродромот во Картум.
Саудиската авиокомпанија „Саудиа“ објави дека е пукано врз еден од нејзините Ербаси. „Саудиа“ и „Египет ер“ ги прекинаа летовите до Картум, а соседен Чад ја затвори границата со Судан.
„Немаме струја. Жешко е. Не можеме да си дозволиме да ги отвориме прозорците, бучавата е заглушувачка“,
изјавил за Би-би-си британско-судански лекар кој ги посетувал роднините во Картум.
Друг очевидец, кој зборувал за Би-би-си преку неговата сестра која живее во Кенија, рече:
„Пукањето сè уште трае, а луѓето остануваат дома – има толку многу паника и страв. Жителите не очекуваа судири, а многумина беа фатени во транзит, со затворени мостови и патишта. Многу училишта се затворени“.