Лекарската комора најостро го осудува инцидентот што се случи во болницата во Тетово, каде што видеоснимка од пациенти се објави на социјалните медиуми.
„Барањето за почитување на сопствените права тргнува од почитувањето на туѓите права, во случајов правата на пациентите, затоа во најкус рок органите на Комората ќе бидат свикани да го разгледаат случајот и да преземат активности и мерки“,
велат од Лекарската комора.
Од Лекарската комора додаваат дека со Кодексот за медицинска деонтологија лекарите се обврзуваат дека професијата ќе ја вршат совесно и одговорно, дека ќе ги почитуваат човековото достоинство и правата на болните и ќе ја чуваат нивната доверба.
„Лекарската комора како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја продолжува да работи на заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и права на докторите на медицина, но со критички однос кон сите оние кои го рушат достоинството, угледот и интегритетот на професијата, како дејност од посебен општествен интерес. Лекарската комора нема да дозволи ваквите изолирани инциденти да бидат на товар на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат и лекуваат пациенти“,
соопштија од Лекарската комора.
Претходно од МВР соопштија дека е приведен анестезиолог кој снимал видео во болницата во Тетово на кое се гледаат пациенти и медицински персонал, а видеото го објавил на Тик-ток.
„На 14.04.2023 во 23.40 часот во тетовско Одри полициски службеници го привеле В.Д. (43) постапувајќи по пријава од страна на П.В. , директор на Клиничка болница Тетово дека В.Д., вработен како анестезиолог во болницата, снимал и објавувал преку мрежата Тик-ток лекарски персонал и пациенти на кои им се пружала лекарска помош. Известен е јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“,
соопшти МВР.