Процесот ќе почне и нормално, согласно законите и Уставот, ќе се одвива во Собранието. Сметам дека Собранието има демократски капацитет за овој процес, вели премиерот

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, така што не е релевантен да зборува за уставните измени, а и многу често ги менува своите ставови, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, постапката за уставни измени треба да почне и смета дека Собранието има демократски капацитет за овој процес.
„Процесот ќе почне и нормално согласно законите и Уставот ќе се одвива во Собранието“,
вели премиерот.
Ковачевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема учествувано во ниту една одлука која е носена во интерес на државата.
„Членството во НАТО не го поддржаа, меѓутоа ние станавме членка на НАТО. Договорот со Грција не го поддржаа. Не го поддржаа ниту отпочнувањето на преговорите со ЕУ со заштитен македонски јазик и идентитет и не гласаа за европскиот предлог. Не го поддржаа ниту договорот за Фронтекс“,
нагласи Ковачевски.
Ковачевски ги повтори и сите, како што рече, изјави на Мицкоски со кои прво поддржувал одредени процеси, а потоа го кажувал спротивното.
„Прво кажуваше дека го поддржува договорот со бугарскиот премиер во тоа време, потоа дека не го поддржува. Потоа со премиерот Петков кажа дека поддржува уставни измени, па потоа рече дека не поддржува, потоа рече дека ако некој негов пратеник гласа за уставни измени ќе даде оставка, па им земаше нотарски изјави на пратениците дека нема да гласаат, за потоа да каже поддржуваме уставни измени, но по хрватски модел, па по три дена повторно рече дека не поддржуваат уставни измени“,
рече Ковачевски.
Тој посочи дека веќе од страна на Министерството за правда се објавени членовите на Комисијата за подготовка на амандманите кои се претставници на политичките партии, а тоа ќе биде направено и со експертите кои треба да се дел од оваа Комисија.