Во вторник Владата ќе ги коригира замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот, но никако нема да има цени кои се моментално или кои беа во малопродажба пред 10 дена и се движеа од 130 до 150 денари. Ниту еден од производите кои се дел од владината одлука за замрзнување на цените за овошјето и зеленчукот нема да има цена повисока од 100 денари, вели министерот за економија

Цените на овошјето и зеленчукот, кои од средата беа замрзнати, идната недела ќе бидат коригирани и ќе има мало зголемување или намалување, но ниту еден од производите кои се дел од овонеделната владина одлука, нема да има цена повисока од 100 денари. Ова на денешната прес-конференција го најави министерот за економија Крешник Бектеши, кој рече дека корекцијата на цените доаѓа по средбата што ја имале со трговците на овошје и зеленчук, а која ја оцени како конструктивна.
„Договорено е да се направи мала корекција на цените имајќи во предвид дека трговците веќе почнале да пријавуваат увозни цени кои кореспондираат со тоа што се дава како фактури во другите држави. Генерално нашиот увоз се прави од Турција, Грција, Албанија и од Србија и повикувајќи се на новите цени кои се пријавуваат во Царинската управа, во вторник Владата ќе ги коригира замрзнатите цени и ќе има во одредени производи многу мало намалување како највисока цена на овие производи. Но, никако нема да има цени кои се моментално или кои беа во малопродажба пред 10 дена и се движеа од 130 до 150 денари“,
рече Бектеши.
Тој додаде дека корекцијата ќе биде процентуално, односно колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Корекцијата ќе биде според тоа како се прикажани цените на царина од 28 март до денеска.
„Ако има намалување на цените кои се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ. Ако е истата, ќе остане истата“,
рече Бектеши.
Според него, најважно од сè е дека производите од домашното производство ќе излезат кон крајот на овој и почетокот на наредниот месец, кога ќе има значително намалување на цените.

„Како Министерство за економија нема да отстапиме и ќе продолжат да се прават контролите за тоа како е направен увозот на овошје и зеленчук за последните месеци. Затоа Царинската управа, УЈП, Државниот пазарен инспекторат и Финансиската полиција веќе се на терен и во континуитет ќе ги вршат овие контроли, сè со цел да не се направи штета на државниот буџет, а со тоа и на граѓаните. Податоците кои ги има Министерството за економија за фиктивни фактури за увоз на овошје и зеленчук ќе ги доставиме до сите надлежни институции, но и јавно ќе ги објавиме за да ги поттикнеме институциите да постапуваат“,
нагласи Бектеши.
Претходната одлука за замрзнување на цените на 11 вида овошје и зеленчук, како што рече Бектеши, била донесена повикувајќи се на податоците од 15 до 28 март, како увозни цени.
„Согласно сите податоци, тоа што е утврдено првично од наша страна е дека повеќето од увозниците во последните месеци давале други фактури во Царината, а биле други фактурите со кои ги купувале производите во државите од регионот. Тие сакале да избегнат царински давачки и затоа Царинската управа доби задача да направи детални контроли и да ги споредат со нивните колеги од другите држави“,
нагласи тој.
Според него, април секогаш е проблематичен во делот на овошјето и зеленчукот затоа што нема домашно производство, но никогаш, како што рече тој, нема да толерираме маржи од 100 или 200 отсто.
Во однос на евентуалните двојни фактури од увозниците, министерот ги потсети дека затајување на данок над 10 000 евра е кривично дело и тој очекува дека Царинската управа докрај ќе постапи согласно нејзините надлежности.
Владата оваа недела донесе одлука за замрзнување на цените на 11 видови овошје и зеленчук. Во одлуката на Владата се вели дека доматите треба да се продаваат за најмногу 70 денари. Највисоката цена на свежите краставици да биде 75 денари, на кромидот 60, карфиолот 70, пиперките 90 денари. Цената на гравот да не е повисока од 75 денари, а на леќата од 110 денари. Кај овошјето, бананите треба да бидат со цена од 70 денари, мандарините 60, а највисоката цена на портокалите и лимоните да е 55 денари.
Ова е петто замрзнување на цените оваа година. Прво беше замрзната цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. Потоа следуваше замрзнување на цените на млекото и млечните производи, па на оризот и јајцата од кокошка. Пред овошјето и зеленчукот беа замрзнати цените на тоалетната хартија, влажните марамчиња, пелените и хигиенските влошки.