Докторката Ерселе Треси од интернистичкото одделение, која била ангажирана во модуларната болница, на денешното рочиште сведочеше дека во модуларната болница во Тетово немало раководител, туку дека секој кој бил на смена бил одговорен за сè што се случува во болницата
По завршување на сведочењата, судијата Јордан Велковски констатира дека со денешното рочиште завршува доказната постапка за случајот. На 25 април ќе следуваат завршните зборови на Обвинителството и на одбраната на обвинетите
Со денешното судско рочиште во Основниот суд во Тетово, заврши доказната постапка на случајот за пожарот во тетовската модуларна болница, кој се случи на 8 септември 2021 година и во кој животите ги загубија 14 луѓе.
Како последни сведоци на денешното рочиште беа сослушани двајца вработени од обезбедувањето на Клиничката болница Тетово, како и докторка од интернистичкото одделение која била ангажирана во модуларната болница.
Докторката Ерселе Треси, на прашање на обвинителот, сведочеше дека во модуларната болница во Тетово немало раководител, туку дека секој кој бил на смена бил одговорен за сè што се случува во болницата.
„Сме немале раководител, секој кој бил на смена бил одговорен“,
истакна докторката Ерселе Треси.

Лице од обезбедувањето на Клиничката болница во Тетово, на прашање на адвокатите дали забележал противпожарни апарати во модуларната болница, сведочеше:
„Да, мислам дека имаше три. По еден во магацин, во сестринска соба и во чекална“,
посочи сведокот Башким Ибраими.
По завршување на сведочењата, судијата Јордан Велковски констатира дека со денешното рочиште завршува доказната постапка за случајот. На 25 април ќе следуваат завршните зборови на Обвинителството и на одбраната на обвинетите.
Судењето за пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 г., кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени, почна на 7 декември лани откако од септември 2022 дотогаш судскиот процес беше неколкупати одложуван.
Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничката болница Тетово како правно лице, на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.