Станува збор за измама во која граѓаните добиваат електронска порака, наводно во името на директорот, и се известува примачот дека треба да се појави на суд за некакви кривични дела. Потоа примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот со некакво објаснување за наводните дела. Целта на оваа измама, нагласува МВР, е да се украдат личните податоци на испраќачот
Покрај обидот за сајбер измама со наводна веб-страница на Управата за јавни приходи (УЈП), меѓу граѓаните се шират и други лажни пораки.
МВР апелира до граѓаните да не наседнуваат на пораки што наводно се добиваат во име на директорот на Бирото за јавна безбедно (БЈБ), Сашо Тасевски.
„Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиена електронска порака, наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во наводна соработка со Европол, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот со некакво објаснување за наводните дела“,
велат од МВР.
Како што нагласуваат, станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР ниту од која било институција за спроведување на законот.
„Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани. Исто така, предупредуваме да не отворате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на имејл пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер“,
нагласуваат од Министерството.
Овие обиди за измама, според надлежните, се со меѓународен предзнак бидејќи слични изминатиот период биле праќани и до граѓани во земјите од регионот.
Во однос, пак, на лажните СМС-ораки кои наводно се од УЈП и се бара пријава на веб-страницата на Управата, која всушност е лажна, од МВР исто така апелираат граѓаните да не ги отвораат ваквите пораки.