Најразгледувана варијанта е победникот на овие избори – ГЕРБ да покаже креативност и да предложи некаков формат за другите партии да кажат каде се нивните црвени линии, дали имаат некакви услови под кои би поддржале малцинска или експертска влада предложена од ГЕРБ, вели Марија Симеонова од Европскиот совет за надворешни работи од Софија во интервју за „360 степени“
Во Бугарија во неделата се одржаа парламентарни избори, петти по ред во период од две години. Според резултатите кои ги објави Централната изборна комисија (ЦИК) на Бугарија, во новиот состав на бугарскиот парламент ќе влезат шест партии, односно коалиции. Прва со најмногу гласови е коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов. Таа има 49 769 гласа повеќе, или помалку од два отсто од второпласираната коалиција на Кирил Петков – Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија (ПП-ДБ).
За можноста за формирање редовна влада и дали таа би можела да донесе нова динамика на релација Софија – Скопје, „360 степени“ разговараше со Марија Симеонова од Европскиот совет за надворешни работи од Софија.
360 степени: Вчерашните избори донесоа, со мали разлики, сличен распоред на силите како и на претходните избори. Тогаш партиите не успеаја да стигнат до договор за редовна влада. Дали овој пат може да биде различно?

Марија Симеонова: Ова се петти избори по ред во Бугарија во период од две години. Со исклучок на еден кус период од седум месеци во кои Бугарија имаше влада, останатиот период се карактеризира со поларизација во општеството која се пренесе и во бугарскиот парламент. Историјата се повтори и сега. Како и минатиот пат, имаме победник на изборите, тоа е ГЕРБ – партијата на Бојко Борисов, која во моментот води со околу два процента во однос на второпласираната коалиција Продожуваме со промените и Демократска Бугарија, либерална, десно од центар, коалиција. Она што е различно е што се гледа дека Бугарите сакаат, на некаков начин, да се создаде влада. Имаме изненадувачко зголемување на гласовите за националистичката проруски ориентирана Преродба која, во апсолутни бројки, има зголемување од околу 100 000 гласа. Друго изненадување е што, најверојатно, во парламентот, се уште се бројат резултатите, ќе влезе и партијата на Слави Трифонов – Има таков народ, која засега има околу 4,1 процент од гласовите. Значи, станува збор за шест партии. Движењето за права и слободи (ДПС) горе-долу ги задржа истите гласови, исто и Социјалистичката партија (БСП). Единствено Преродба го зголеми изборниот резултат. ГЕРБ го задржа електоратот… Така што, можеби во таа општа слика од шест партии ќе се бара некаква формула зашто ако не се формира некаква експертска влада или друга форма на влада, тоа ќе значи дека ќе се оди на нови парламентарни избори, шести по ред, заедно со локалните избори кои треба да се одржат наесен.
360 степени: Во дел од анализите се зборува за заедничка влада на двете најголеми групации во Народното собрание – коалицијата ГЕБР-СДС и Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија, што до овие избори беше невозможна варијанта. Колку, според вас, е остварливо вакво сценарио?
Марија Симеонова: Се зборува за такво сценарио зашто математиката покажува дека тие две партии, формации, така доаѓаат до доволно гласови за стабилна влада – околу 133 пратеници, а потребни се 121 за формирање влада. Сега коалиција меѓу тие две партии мислам дека се уште изгледа невозможна зашто, сепак, знаеме дека Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија се формација што се противи на низа политички практики што ги исполнува партијата на статус-квото ГЕРБ, со силни напади кон лидерот Бојко Борисов. ГЕРБ, која во моментот води со два процента, би можела да предложи малцинска или експертска влада и веќе во тој формат да се бара некаква поддршка и од останите партии застапени во 49. парламент.
360 степени: Кои се други опции за редовна влада?
Марија Симеонова: Многу е тешка математиката и при другите опции. Аналитичарите разгледуваат варијанта меѓу ГЕРБ, поддржана од ДПС, и Има таков народ, но дури и така не се доаѓа до 121 пратеник, ако се земат предвид овие резултати како конечни. ГЕРБ, најверојатно, ќе има 69 пратеници, ДПС ќе има 35, Има таков народ 11. Оттука, и оваа варијанта е малку веројатна. Ја пропуштивме Бугарската социјалистичка партија (БПС), но во бугарскиот политички дискурс ГЕРБ и БСП многупати изјавувале дека не би коалицирале за заедно да формираат влада. Оттука, најразгледувана варијанта е победникот на овие избори – ГЕРБ да покаже креативност и да предложи некаков формат за другите партии да кажат каде се нивните црвени линии, дали имаат некакви услови под кои би поддржале малцинска или експертска влада предложена од ГЕРБ.

360 степени: Во последниот период има нагласена тензија во македонско-бугарските односи. Дали евентуално формирање редовна влада во Бугарија може да донесе нова динамика на релација Софија – Скопје?
Марија Симеонова: Во однос на релациите меѓу Бугарија и Северна Македонија, формирање на редовна влада е една подобра варијанта зашто во период од две години сме во една спирала на технички влади. Техничките влади не може да носат конечни решниеја, тие се ограничени во своите мандати во однос на редовна влада која е резултат на избори. Мислам дека тензиите меѓу Бугарија и Северна Македонија се тенденциозни, од време на време се случуваат конфликти од двете страни на границата кои се ризик одново да ги втурнат двете земји во негативна насока. Тоа е исклучително деструктивно. Според мене, независно дали е техничка или редовна влада, тие треба да ги ограничуваат таквите инциденти зашто, како што знаеме, во времето на владата предводена од премиерот Кирил Петков, Бугарија и Северна Македонија значително напреднаа, вклучувајќи го и институционалниот аспект, во заздравување на меѓусебните односи, односно имаме институционална рамка, со двостраниот протокол кој беше договорен во јули минатата година. Оттука, според мене, треба и во Скопје и во Софија да се смета на таа рамка која предвидува механизми што би се искористиле во случаи на такви инциденти за да не се доаѓа до непотребни тензии кои не се во интерес ниту на Скопје, ниту на Софија.