Опозицискиот лидер уште еднаш ја повика власта да се одважи и да го прифати консензусот за хрватскиот модел кој, како што додаде, самата го посочуваше. Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ѝ стои на располагање на власта по однос на ова прашање кое, како што рече, може да се искомуницира на лидерска средба
Доколку биде побарано, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е подготвен да се соочи на дуел или на лидерска средба со премиерот Димитар Ковачевски за да го објасни предлогот што го понуди неговата партија, односно Преамбулата на македонскиот Устав да биде по моделот на Република Хрватска.
„Јас сум подготвен да го објаснувам овој наш предлог пред секого и секаде и тука немам никаква дилема. Така што, ако бидам поканет на една таква лидерска средба, без разлика кој ќе ја организира, ќе појдам и ќе го образложам овој предлог. Немам што да кријам“,
рече опозицискиот лидер одговарајќи на новинарско прашање дали е подготвен на лидерска средба да го објасни хрватскиот модел на устав, доколку тоа биде побарано.

Мицкоски уште еднаш ја повика власта да се одважи и да го прифати консензусот за хрватскиот модел кој, како што додаде, самата го посочуваше. Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ѝ стои на располагање на власта по однос на ова прашање кое, како што рече, може да се искомуницира на лидерска средба.
„Еве сега конечно нудиме консензус околу хрватскиот модел јавно без да се затвораме, без да седиме во канцеларии, без да мистифицираме, без да криеме ништо од јавноста. Еве велиме, ајде господа, одважете се и да седнеме да ја завршиме работата. Ние како ВМРО-ДПМНЕ го прифаќаме предлогот што го посочија за хрватскиот модел. Треба да излезат и да кажат дали прифаќаат или не“,
додаде опозицискиот лидер.
Тој додаде оти му е преку глава од работни групи на кои неколкумина политичари одлучуваат за иднината на народот и нагласи дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ одлучила јавно да го даде предлогот во однос на уставните измени.