Од Делегацијата на ЕУ во Скопје во одговор до „360 степени“ се заблагодаруваат на укажувањето за непрописно паркирање на возила на амбасади од земји членки на Унијата и велат дека ќе ги замолат да не го прават тоа повеќе
Делегацијата на ЕУ (ДЕУ) ќе побара од амбасадите на земјите членки во иднина прописно да ги паркираат автомобилите откако утрово можеше да се забележи дека десетина возила со дипломатски таблички непрописно беа паркирани пред зградата на ДЕУ на булеварот „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
„Ви благодариме што ни ја посочивте оваа ситуација. Делегацијата на ЕУ ќе ги замоли посетителите во Делегацијата да избегнуваат настанување на вакви ситуации во иднина“,
ни одговорија од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Ова се прашањата што ги упативме до ДЕУ:
„Дали може да потврдите дека во зградата во тие моменти се одржувал состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ?
Со оглед на тоа што автомобилите од фотографиите се непрописно паркирани на коловозот на булеварот, кој е ставот на Делегацијата на ЕУ за ваквиот однос на дел од амбасадите на земји членки на Унијата?”
„360 степени“ испрати прашање и до МВР зошто полицијата не интервенира и не ги отстрани непрописно паркираните возила.
Дали во меѓувреме реагирала или доколку не го направила тоа – зошто, очекуваме одговор од Министерството за внатрешни работи.