Разликата во пратеници помеѓу коалициите на поранешните премиери Кирил Петков и Бојко Борисов би била само два мандата во полза на Петков
По првичните излезни анкети, бугарските агенции ги направија и првичните проекции за распределбата на мандатите во новиот состав на Народното собрание.

Според излезните анкети од агенцијата „Галуп“, Нова ТВ објави проекција според која 240-те пратенички места во бугарскиот парламент би се распределиле вака:
- 67 пратеници – Коалицијата на партијата Продолжуваме со промените (ПП) на Кирил Петков и Демократска Бугарија (ДБ);
- 65 пратеници – Коалицијата на ГЕРБ на Бојко Борисов со партијата СДС;
- 37 пратеници – националистичката партија Преродба;
- 34 пратеници – ДПС;
- 26 пратеници – Бугарската социјалистичка партија (БСП);
- 11 пратеници – Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов.
Ваквата распределба на мандатите е врз основа на излезната анкета на „Галуп“ заклучно со 19 часот, која покажува дека коалициите/партиите освојуваат:
- ПП-ДБ – 25,3 отсто од гласовите;
- ГЕРБ-СДС – 24,7 отсто;
- Преродба – 14,2 отсто;
- ДПС – 13,1 отсто;
- БСП – 9,9 отсто;
- ИТН – 4 отсто.
За да се освојат пратенички мандати во Бугарија, потребно е партијата/коалицијата да освои најмалку 4 отсто од гласовите.
Под овој праг, според излезните анкети на „Галуп“, се Бугарски подем на поранешниот технички премиер Стефан Јанев со 2,7 отсто и Левицата со 2,4 отсто.
Освен на „Галуп“, и излезните анкети на другите агенции што ги објавуваат бугарските медиуми засега покажуваат тесна разлика во борбата за прво место, но и за тоа која ќе биде трета политичка сила во земјата по денешните избори.