Ако се распадне Милано, ќе се распадне целиот здравствен систем на Ломбардија, предупреди градоначалникот на овој италијански град Џузепе Сала, кој заедно со Бергамо се најтешко погодените италијански градови од заразата со коронавирус.
Сала најави дека сега здравствената криза преминува во економско- социјална, која предизвикува загриженост кај граѓаните кои живеат во целосен карантин.
„Помалку страдавме од Бергамо и Бреша. Ако се распадне Милано, тогаш ќе се урне целиот здравствен систем на Ломбардија“,
нагласи Сала додавајќи оти нема знаци за влошување на ситуацијата во градот бидејќи луѓето сфатија дека мораат да останат дома.
Сала, сепак, оцени дека Милано го чека долг и тежок период и сè уште е многу рано да се зборува за враќање на животот во нормала.
„Немаме датум за целосно отворање на Милано. Она што го правиме е дека се подготвуваме повторно да заживееме, ни треба план, полека ќе се отвора сектор по сектор. Размислуваме како ќе работи јавниот превоз и метрото кога ќе има повеќе луѓе на улиците. Дигиталната мрежа? Како ќе ги користиме стадионите, киносалите, театрите? Како ќе и помогнеме на економијата на Милано“,
вели Сала.
Во Милано и околината има околу 10 000 заразени лица со коронавирус, а само во градот се околу 4 000.