За јавните обвинители, пак, тој има пофали зборови и вели дека знае со каква посветеност и одговорност, секојдневна ревност и верба во правдата ја извршуваат својата функција, но вели дека е време тоа да го видат и граѓаните, па затоа издвојува три приоритетни задачи за нив

По повод денот на правосудството, државниот обвинител Љубомир Јовески, во порака до јавните обвинители во државата, изразува незадоволство од застарувањето на предмети што беа во фокусот на јавноста, а за некои што не се застарени вели дека не ја добиваат потребната динамика, но за тоа го прозива судот.
„Не можам да не изразам незадоволство со одредени судски одлуки кои овозможија застарување на предмети за чиј исход јавноста беше заинтересирана. Одредени постапки, пак, не се застарени, но и покрај ажурноста на обвинителското постапување, сè уште не ја добиваат потребната судска динамика и немаат разрешница“,
вели Јовески во писмената честитка.
За јавните обвинители, пак, тој има пофали зборови и вели дека знае со каква посветеност и одговорност, секојдневна ревност и верба во правдата ја извршуваат својата функција.
„Време е таа слика да ја видат и граѓаните. Преку отчетно и одговорно постапување, преку објаснување на нашите одлуки пред граѓаните, преку примена на етичките стандарди на нашата професија, сметам дека ќе ја увериме јавноста во доследноста на нашите постапки и во ефикасноста на системот на правда. Постои една изрека која вели – ’Довербата се заслужува кога делата се совпаѓаат со зборовите‘. Затоа сметам дека наместо да зборуваме за нашата посветеност, најдобро е тоа да го покажеме со нашето постапување во предметите“,
вели Јовески.
За да биде работата на обвинителите видлива за граѓаните и да се врати довербата, тој во писмото издвојува три задачи за обвинителите.
Една од нив е ефикасноста за која им порачува дека роковите за постапување мора да се почитуваат и да нема неоправдано одолговлекување на постапките. Другите задачи што им ги поставува се да бидат отпорни кон притисоци и влијанија и да бидат транспарентни.
„Отпорност кон притисоци и влијанија. Ја имате мојата целосна поддршка да носите самостојни и сигурни одлуки. Не дозволувајте никој и ништо да влијае врз вашето постапување и да го компромитира вашиот личен интегритет како јавни обвинители. Транспарентност. Одлуките што ги носиме мора да станат видливи за граѓаните. Правдата треба и да ја видат и да ја почувствуваат. Не плашете се од јавниот суд бидејќи само тој е вистински коректор на нашата работа“,
вели Јовески.
Во писмената честитка државниот обвинител им укажува на обвинителите и дека еден од најголемите предизвици за Обвинителството како институција во наредниот период ќе биде преговарачкиот процес со ЕУ бидејќи напредокот во поглавјата ќе зависи и од реформите кои директно го засегаат правосудството.
„Да се заложиме максимално и да ги исполниме сите задачи што се очекуваат од нас, бидејќи тоа е еден од клучните критериуми според кои ќе ни го вреднуваат напредокот. Затоа истите пораки би ги упатил и до јавнообвинителската служба, која исто така е важен дел од нашата организација и без чиј придонес исполнувањето на овие задачи би бил невозможен“,
бара Јовески.
Тој го споменува и извештајот на американскиот Стејт департмент за човековите права во 2022 година, за што вели дека е задоволен што во него не се адресираат крупни критики директно кон Обвинителството.
„Уште повеќе, извештајот го споменува токму она што ние долго време го нагласуваме, а тоа се недоволните финансиски средства и кадровски ресурси кои се доделуваат на Јавното обвинителство. Ова покажува дека американскиот Стејт департмент навистина активно ги следи состојбите во обвинителството, покажува доверба во нашето постапување и се обидува да влијае за подобрување на состојбите и на условите за работа. Притоа, чесно е да се признае дека и покрај ваквите позитивни сигнали, сигурно можевме и можеме повеќе“,
вели Јовески.
Честитката ја завршува со порака до актуелните обвинители преку сопствениот личен пример да влијаат врз генерациите обвинители што доаѓаат по нив.