Тестирањето за здравствена струка ќе биде по предметите биологија и хемија, а за во гимназиско образование и за другите струки ќе биде по предметите мајчин јазик и математика

Деветтоодделенците годинава за запишување во средно училиште ќе имаат еден уписен рок со две пријавувања кои ќе бидат на 20 и 21 јуни и подоцна на 27 и 28 јуни. Министерството за образование и наука го објави конкурсот за упис на ученици во јавните средни училишта и најави дека пријавувањето на учениците ќе се врши преку порталот за електронски услуги на Министерството https://e-uslugi.mon.gov.mk со најава на средношколците преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.
Од Министерството информираат дека во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот, а кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение. Тестирањето за здравствена струка ќе биде по предметите биологија и хемија, а за во гимназиско образование и за останатите струки ќе биде по предметите мајчин јазик и математика.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги охрабрува сите ученици да го направат вистинскиот избор на средно училиште каде што ќе го продолжат образовниот процес, апелирајќи да се осврнат на стручното образование како можност да се стекнат со вештини и знаења кои пазарот на труд ги препознава и вреднува, но и да стекнат добра основа за понатамошната високообразовна надградба.
Во учебната 2023/24 година се обезбедени 29 798 слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. За настава на македонски јазик, со Конкурсот се предвидени 20 608 слободни места, за настава на албански јазик 8 301 и 889 места за настава на турски јазик. Во наредната учебна година во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6 475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование.
Условите и потребните документи за запишување на учениците во средно училиште се достапни на следниот линк .