Споделивме размислувања за цврстото пријателство, соработката, партнeрството меѓу нашите две земји како и визијата за иднината на Западен Балкан, напиша Ковачевски на Фејсбук

Со пријатна заедничка прошетка низ убавото шеталиште покрај Сава во Белград ја почнувам мојата посета на Србија, објави вечерва премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук-профил. Во прошетката на Ковачевски друштво му правеа српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.
„Споделивме размислувања за цврстото пријателство, соработката, партнeрството меѓу нашите две земји како и визијата за иднината на Западен Балкан“,
пишува Ковачевски во описот.
За прошетката со Ковачевски покрај Сава објави и српскиот претседател, тој на Инстаграм-страната на „будуќностсрбијеав“.
„Велат дека при добра прошетка се смислуваат најдобри планови и се водат најпријатни разговори. Додека на мојот пријател Димитар Ковачевски гордо му покажувам колку се изградил Белград, разменуваме мислења за проширувањето на иницијативата ‘Отворен Балкан’, за ЕУ-патот на нашиот регион, позицијата и перспективата на геополитичката карта на Европа и светот на Западен Балкан, но и за плановите за претстојните состаноци и нови проекти за поврзување“,
напиша Вучиќ на Инстаграм.
Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на работниот дел од официјалната посета на Република Србија, ќе има тет-а-тет средба со претседателката на Владата на Република Србија, Ана Брнабиќ.
Исто така, двете владини делегации, предводени од премиерите на Република Северна Македонија и Република Србија во рамки на официјалната посета ќе одржат заедничка пленарна средба, на која ќе се разговара за теми од интерес на граѓаните на двете земји, како и за натамошното продлабочување на односите.
По пленарната средба, предвидено е потпишување на меморандуми за соработка во рамки на иницијативата Отворен Балкан, како и заедничка прес-конференција на двајцата премиери, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ.
Владината делегација на Северна Македонија ќе биде примена и од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, а ќе остварат средба и со претседателот на Народното Собрание, Владимир Орлиќ.