И покрај апелите кои градоначалничката ги упати до советниците пред почетокот на седницата за, како што рече, напуштање на теснопартиските интереси и поддржување на предлогот, Арсовска, сепак, ниту денеска, исто како и во јануари годинава, не ја доби поддршката за набавка на екоавтобусите
По седницата на Советот, од кабинетот на Арсовска изразија жалење за, како што велат, одлуката на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ повторно да си ги задоволат партиските лидери и здружено да работат на штета на скопјани
Скопската градоначалничка Данела Арсовска, денеска, по вторпат од почетокот на годинава, не беше поддржана од советниците од Советот на Град Скопје по однос на нејзиното барање да се обезбеди кредит од десет милиони евра за набавка на еколошки автобуси.
Предлогот го поддржаа 14 советника, додека ниту еден советник не гласаше „против“ или „воздржано“.
И покрај апелите кои таа ги упати до советниците пред почетокот на седницата, за како што рече, напуштање на теснопартиските интереси и поддржување на предлогот, Арсовска, сепак, ниту денеска, исто како и во јануари годинава, не ја доби поддршката за набавка на екоавтобусите.

Советници не го поддржаа ниту предлогот на скопската градоначалничка за доделување на субвенции на граѓани кои сакаат да набават ековозила на електричен или хибриден погон.
Овој предлог го поддржаа пет советници, тројца беа „против“, а еден гласаше „воздржано“.
По седницата, од кабинетот на Арсовска преку писмено соопштение изразија жалење за, како што велат, одлуката на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ повторно да си ги задоволат партиските лидери и здружено да работат на штета на скопјани.
„Сите балкански и европски метрополи континуирано го обновуваат возниот парк, но таму нема ликови на кои ‘медот’ им е поважен од благосостојбата на граѓаните“,
се вели во соопштението од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека иако на советниците им била дадена можност самите да ги изберат условите за кредитирањето на проектот и спецификациите за набавка на автобусите, сепак, велат дека партиите се одлучиле да продолжат со своето деструктивно однесување.
„Наместо да надвладее разумот, надвладеа суетата на двете најголеми политички партии во Македонија. Сметаме дека е крајно лицемерно советниците кои граѓаните ги плаќаат со 500 евра месечно, да не покажат апсолутно никаква грижа за истите тие граѓани“,
се додава во соопштението од Градот Скопје.
Пред почетокот на денешната седница на Советот на Град Скопје, на чиј дневен ред се најде и оваа точка, скопската градоначалничка рече дека останува на своето барање за набавка на нови екоавтобуси. Апелираше до советниците да го поддржат она што тие го ветиле, а граѓаните го избрале на последните локални избори во 2021 година, и побара од советниците да дејствуваат во корист на граѓаните.
Инаку, иницијативата за набавка на екоавтобуси во јануари годинава веќе еднаш се најде пред Советот на Град Скопје, но не ја доби поддршката од советниците.
Сепак, Арсовска на почетокот на месецов најави дека нема да се откаже од проектот и дека точката за набавка на екоавтобуси ќе биде на дневен ред на секоја седница на Советот сè додека самите советници не ја изгласаат.
Скопската градоначалничка вети набавка на 250 еколошки автобуси и бесплатен автобуски превоз за скопјани во предизборната кампања на локалните избори што се одржаа во 2021 година, а на кои беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.