Јас верувам дека нашата држава има капацитет, пред сè демократски, меѓутоа и европски капацитет и визија и оваа одлука која е потребна за продолжување на нашиот европски пат нема да биде заложник на личната кариера на само еден човек во државата, кој е подготвен заради својата лична фотелја да ризикува прекинување на еден процес кој значи обезбедување на полноправно членство во Европската Унија, рече премиерот
На изјавата на Ковачевски веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, чиј портпарол Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, рече дека единствениот заложник е Димитар Ковачевски – заложник на ДУИ и на Али Ахмети. Тој го повика премиерот веднаш да ги стави уставните измени на дневен ред
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека уставните измени нема да се одложат и дека овој процес, кој е важен за продолжување на европскиот пат на земјава, нема да биде заложник на „личната кариера на еден човек“.

Иако премиерот не кажа со име и презиме кој е тој човек, повеќе од јасно е дека мислеше на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој изминативе денови во повеќе наврати истакна дека иако има притисоци за уставните измени, тој нема да отстапи ниту милиметар од своите и од позициите на партијата.
Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека тимот, односно работната група која треба да ги подготви амандманите за уставните измени, ќе биде формирана во Министерството за правда и во неа ќе членуваат врвни експерти од областа на уставното право. Во тимот, посочи премиерот, ќе има и претставници на политичките партии, бидејќи, како што рече, за овој процес е потребен широк општествен и политички консензус, кој ќе биде потребен и во иднина, сè до финалното зачленување во Европската Унија.
„Уставните измени нема да се одложат. Со формирањето на експертската група и со нивната работа практично ќе започне процесот кој потоа нормално ќе влезе и во процедурите кои се пропишани со закон. Јас верувам дека нашата држава има капацитет, пред сè демократски, меѓутоа и европски капацитет и визија и оваа одлука која е потребна за продолжување на нашиот европски пат нема да биде заложник на личната кариера на само еден човек во државата, кој е подготвен заради својата лична фотелја да ризикува прекинување на еден процес кој значи обезбедување на полноправно членство во Европската Унија, кој со себе носи зголемени инвестиции, зголемени работни места, зголемени плати, повисок животен стандард за граѓаните, врвни институции, врвно европско законодавство, тука во нашата држава, бидејќи и нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат во Европска Унија, меѓутоа во Европска Унија тука во својата држава, а не во Европска Унија во туѓина“,
изјави денеска Ковачевски кој денеска зедно со министерот за економија Крешник Бектеши беше во посета на компанијата „Везе Шари“ во Џепчиште, Тетовско.
На изјавата на Ковачевски веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, чиј портпарол Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, рече дека единствениот заложник е Димитар Ковачевски – заложник на ДУИ и на Али Ахмети. Тој го повика премиерот веднаш да ги стави уставните измени на дневен ред.

„Единствениот повеќекратен заложник е Димитар Ковачевски, заложник е на ДУИ и на Ахмети и партнер во криминалот. Заложник е на минатото во партијата. Се согласуваме дека нема одлагање, веднаш да ги стави уставните измени на дневен ред“,
рече Стоилковски.
Во тимот за уставни измени ќе има и експерт предложен од претседателот Пендаровски
Во експретската работна група чие обзнанување се очекува деновиве, ќе има и експерт предложен од претседателот на државата, Стево Пендаровски. Ова го соопшти Пендаровски на заедничката прес-конференција со австрискиот колега Александер ван дер Белен, кој е во официјална посета на земјава.
„Составот на таа група отприлика е познат. Во таа работна група ќе има предложено експерти од Владата, ќе има експерти предложени и од претседателот. Во моментот кога ќе нè информираат дека таа група е формирана или треба да се формира, јас ќе предложам експерт од моја страна. Очекуваме таа работна група многу брзо да излезе со конкретната содржина на предлог-амандманите за промена на Уставот, а подоцна тоа влегува во парламентарна процедура каде што Комисијата за европски прашања на едно, да кажам, пополитичко ниво да ја продолжи својата работа“,
рече претседателот на државата.

Пендаровски, исто така, ја повика опозицијата да учествува во работната група и во дебатата за уставните измени. Но, притоа истакна дека ако опозицијата реши да не учествува ниту во работната група ниту во Комисијата за европски прашања во Парламентот, јасно е дека дури и тој да се понуди да ја организира таа дебата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува.
„Мислам дека грешат и уште еднаш ги повикувам и на политчко и на експертско ниво за да ги кажат своите ставови. Јас мислам дека таа дебата би требало да биде пренесувана директно во живо за македонската јавност, бидејќи кога ќе ги соочите аргументите на двете страни, оти претпоставувам дека и тие ги имаат, ќе видите дека зборуваме за работи кои практично пред 22 години веќе сме ги направиле (Охридски рамковен договор). Ние имаме етаблирани стандарди во заштита на делови од народи, така што неспорно е дека ако додадеме уште три или четири делови од народи кои живеат тука, сиурно нема државата да пропадне“,
рече Пендаровски.