Ван дер Белен ѝ се обрати на опозицијата, посочувајќи дека искушението е големо да се искористат сите средства за мнозинството да не може да ги спроведе своите идеи, но суштината на демократијата е и покрај идеолошки и други разлики да не ја разединува земјата, туку да се соработува конструктивно. Компромисот, како што кажа, е централен камен на демократијата
Од пред речиси 20 години возот кон дестинацијата Брисел стоеше на железничката станица во Скопје, меѓутоа од јули 2022 година сигналите конечно покажуваат зелено светло и поради тоа ви честитам од срце. Северна Македонија го заслужува ова патување, рече австрискиот претседател

Патот кон Европа се исплатува и затоа вреди да се направи следниот чекор кој не е лесен. За да може да продолжи процесот на проширувањето, сега е потребен еден видлив знак на потврда на таа разноликост во вид на промена на Уставот. Сакам јасно да кажам дека не верувам оти е реално дека договорот од јули 2022 година ќе се преговара уште еднаш. Важно е да се гледа напред, а не наназад. Да се гледа кон заедничка европска иднина и да се работи на неа, рече австрискиот претседател Александер ван дер Белен денеска во Собранието, кој им порача на пратениците дека од нив зависи кога ќе ги почнеме следните чекори во преговорите со ЕУ и колку брзо ќе ги поминеме. Австрија, додаде тој, ќе ви биде близок сојузник.
Пред пратениците тој го пренесе австриското искуство и идентитетските прашања што ги имале пред пристапувањето во ЕУ. Неговата порака е да не се грижиме, бидејќи македонскиот јазик и јазиците што се зборуваат во земјава ќе останат неоштетени во тој процес.
„ЕУ се залага за еднаквост во различност. Значи, мир, слобода, благосостојба, треба да имаат сите граѓани и граѓанки на Унијата, кои имаат различни култури и зборуваат различни јазици“,
рече тој.
Брз процес на интеграција, според него, бара функционален парламент и национална согласност. Ван дер Белен ѝ се обрати на опозицијата, посочувајќи дека искушението е големо да се искористат сите средства за мнозинството да не може да ги спроведе своите идеи, но суштината на демократијата е и покрај идеолошки и други разлики да не ја разединува земјата, туку да се соработува конструктивно. Компромисот, како што кажа, е централен камен на демократијата.
„За Австрија и за мене е голема чест што можам да ви се обратам во Парламентот. Ова го сметам како знак на почит на извонредните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Австрија“,
истакна во своето обраќање пред пратениците Ван дер Белен, кој во придружба на сопругата Дорис Шмидауер престојува во официјална посета на земјава.
Според него, иако траел долго, патот на евроинтеграцијата е трасиран.
„Од вас, почитувани дами и господа пратеници, зависи кога ќе ги започнете соодветните чекори и колку брзо ќе го поминете тој пат. Бидете уверени дека Австрија, исто како во минатото, и во иднина ќе биде близок сојузник на страната на Северна Македонија“,
рече Ван дер Белен.
Тој потенцира дека Австрија се залагала преговорите на Северна Македонија и Албанија конечно да почнат минатиот јули, а многу иницијативи на ЕУ да бидат достапни за двете земји пред формалното членство во Унијата.
„Од пред речиси 20 години возот кон дестинацијата Брисел стоеше на железничката станица во Скопје, меѓутоа од јули 2022 година сигналите конечно покажуваат зелено светло и поради тоа ви честитам од срце. Северна Македонија го заслужува ова патување“,
рече Ван дер Белен.

Возот со скрининг-процесот веќе тргна кон Брисел и е на добар пат, но движењето на возот кон Брисел, како што потенцира, не зависи само од сигналот, туку од постојаното додавање енергија, а за време на патот кон Брисел и Владата и Парламентот на Северна Македонија треба да ја даваат таа енергија, рече австрискиот претседател.
Обраќајќи им се на пратениците, тој рече дека сака да ги замоли и охрабри да останат мотивирани и концентрирани и партнерите во ЕУ и понатаму да ги убедуваме со конкретни резултати.
Австрискиот претседател Ван дер Белен истакна дека со Договорот од Преспа, Северна Македонија заслужи меѓународно признавање и почит, а и претходно со Охридскиот рамковен договор земјата стана пример во регионот во успешен соживот, јазична и религиозна различност.
Тој посочи дека двете земји негуваат тесни политички контакти и ги истакна добрите односи на Собранието со австрискиот парламент.
„Денешното потпишување на договорот на двајцата министри за правда ќе ја интензивира соработката и во оваа област“,
рече Ван дер Белен.
Австрија и Северна Македонија, посочи тој, имаат добри стопански односи, но тие можат да бидат уште подобри. Странските директни инвестиции долги години се на врвот.
„Се радувам што ме придружуваат претставници на 25 претпријатија од повеќе области, услуги, зелена енергија, земјоделие… Тоа го покажува големиот интерес за вашата земја. Онаму каде што ние ќе дојдеме, таму и остануваме“,
рече Ван дер Белен.
Големината на стопанската делегација е јасен знак за големината на интересот на австриското стопанство.
Говорот на Ван дер Белен во Собранието го проследија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, министри, членови на дипломатскиот кор во земјава, како и претставници на верските заедници и на правосудството.
Претходно, на церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски го пречека неговиот австриски колега Александер Ван дер Белен.