Пиковите од обновливите извори на енергија главно се преку ден и би можеле да имаме вишоци електрична енергија во периодот од мај до октомври. Затоа, со Регулаторната комисија за енергетика работиме во насока да се врати евтината дневна тарифа за електрична енергија од 1 јули годинава, нагласува министерот за економија

Граѓаните од 1 јули годинава можно е повторно да имаат можност да користат евтина дневна тарифа за електрична енергија. Ваквата одлука се разгледува затоа што, како што вели министерот за економија Крешник Бектеши, во земјата има зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори.
„Пиковите од обновливите извори на енергија главно се преку ден и би можеле да имаме вишоци на електрична енергија во текот на денот во периодот од мај до октомври. Затоа со Регулаторната комисија за енергетика работиме во насока да се врати евтината дневна тарифа за електрична енергија од 1 јули годинава“,
посочува Бектеши.
Тој вели дека веќе ја има анализата за справувањето со енергетската криза, но додаде дека директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во текот на наредната недела треба да направи пресек во делот на справување со енергетската криза и ќе ги каже деталите на прес-конференција.
„Колку што сум информиран, на почетокот на идната недела ќе има детална презентација. Ако правиме споредба со другите држави, можам да кажам дека со енергетската криза најдобро се справивме во регионот, со најмалку потрошени пари, но и во делот на немање рестрикции и во делот на цената на електричната енергија за домаќинствата“,
нагласи Бектеши.
Можно враќање на дневната евтина тарифа за струја минатиот месец најави и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Според него, треба прво да заврши оваа грејна сезона, да се види производството на ЕСМ, како оди набавката на електричната енергија, па понатаму ќе се размислуваме за сите можни опции што ги има.