„Лично сметам, а мислам дека тоа е став и на Владата, иако не сме разговарале, но мислам дека е логично да се фокусираме на оние обврски од преговарачката рамка. Така мислам дека имаме најдобри шанси за успех и најдобри шанси да успееме во разумен рок оваа година да ги завршиме уставните измени. Секое дополнително прашање е вредно за разгледување, но не верувам дека сега е време затоа што ќе земе повеќе време и повеќе енергија и ќе го компликува процесот“, изјави денеска Маричиќ
Меѓу прашањата кои вчера ги посочи министерот за правда, а за кои, како што рече, се размислува да бидат дел од пакетот уставни измени се: измени во делот каде што се уредува дека министерот за правда по функција е член на Судскиот совет; регулирање на вакуумот што се создава со распуштање на Собранието, како и вакуумот при смена на еден министер со друг, што за време на последната реконструкција на Владата беше причина да се повлече издавањето на еврообврзницата, делот каде што е регулирана употребата на јазикот што го говорат 20 проценти од граѓаните, односно промена на формулацијата „20 отсто“ со „Албански јазик“
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ не ги дели размислувањата што вчера ги сугерира министерот за правда Кренар Лога дека освен внесувањето на Бугарите, може да биде формулиран поширок пакет уставни измени, во кој ќе се најдат и други прашања.

Според Маричиќ логично е кога се отвора прашањето за уставни измени да се отворат сите прашања што потенцијално би биле дискутирани, но, исто така, логично, вели вицепремиерот, е да се фокусираме на оние обврски кои се поврзани со преговарачката рамка и патот на земјата кон Европската Унија (ЕУ).
Секое прашање е вредно за разгледување, посочува Маричиќ, но не верува дека сега е време за тоа.
Тој вели дека имал прилика да разговара со Лога на оваа тема и вели дека намерата на министерот за правда со неговата изјава не била во насока да наметне нешто.
„Но сметам лично, а мислам дека тоа е став и на Владата, иако не сме разговарале, но мислам дека е логично да се фокусираме на оние обврски од преговарачката рамка. Така мислам дека имаме најдобри шанси за успех и најдобри шанси да успееме во разумен рок оваа година да ги завршиме уставните измени. Секое дополнително прашање е вредно за разгледување, но не верувам дека сега е време затоа што ќе земе повеќе време и повеќе енергија и ќе го компликува процесот“,
изјави денеска Маричиќ одговарајќи на новинарски прашања.
Искажувајќи го својот став, вицепремиерот за европски прашања даде и сугестија експретската комисија за уставните измени чиј состав треба да биде познат наредните денови, да продолжи да работи и по завршувањето на овој циклус уставни измени во врска со другите прашања за кои вчера зборуваше Лога.
„Па да видиме во некој разумен рок понатаму да ги елеборираме тие прашања и да видиме дали има потреба и двотретинско расположение за дополнителни промени на Уставот. Но за ова сметам дека е важно да се држиме на обврските од нашиот европски пат и членството во ЕУ“,
рече Маричиќ.
Меѓу прашањата кои вчера ги посочи министерот за правда, а за кои, како што рече, се размислува да бидат дел од пакетот уставни измени се: измени во делот каде што се уредува дека министерот за правда по функција е член на Судскиот совет; регулирање на вакуумот што се создава со распуштање на Собранието, како и вакуумот при смена на еден министер со друг, што за време на последната реконструкција на Владата беше причина да се повлече издавањето на еврообврзницата, делот каде што е регулирана употребата на јазикот што го говорат 20 проценти од граѓаните, односно промена на формулацијата „20 отсто“ со „Албански јазик“.
Сепак, вчера и самиот тој нагласи дека приоритет е Преамбулата и внесувањето на помалите заедници и посочи дека за овие прашања и за формирањето на работната група, тој е во постојана комуникација со премиерот Димитар Ковачевски, со претседателот на државата Стево Пендаровски и со други истакнати личности.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа до каде е формирањето на работната група, вицепремиерот Маричиќ рече дека постапката е при крај и дека изминативе денови ги искористиле „за разговор со експретите кои треба да бидат дел од таа група и кои треба да ја водат“.
„По моите информации, иако мислам дека најдобро е тоа да го соопшти министерот за правда, но знам дека има добар одзив од оние што ги поканивме за разговор и учество во групата. Очекувам да се објави во наредните денови таа група и веднаш да почнеме со формулација на уставните амандмани“,
рече Маричиќ.
Прашан дали целиот процес ќе се истурка навреме, вицепремиерот оптимистички вели дека има доволно време и дека процесот треба да започне пред летото.
„Имаме доволно време да ги завршиме до ноември. Минатиот пат кога се менуваше Уставот, тоа траеше околу три-четири месеци. Мислам дека пред летото треба да започнеме, дали ќе биде мај, дали јуни, ќе видиме, но пред летото треба да почнеме за да го стигнеме рокот“,
рече тој.
Напорите за убедување на опозицијата да седне на маса, односно да биде дел од работната група и од процесот на формулирањето на амандманите за уставните измени, ќе продолжат и понатаму, вели вицепремиерот за европски прашања.
„Мислам дека тоа не е важно само за сегашната Влада и сегашната опозиција, тоа е важно за процесот кој трае долго и надминува мандат на било која Влада и еден состав на Собранието. Битно е ние да ги имаме сите клучни политички фактори на маса. Жал ми е што ВМРО-ДПМНЕ сè уште бега и не сака да разговара за ова прашање, а не можеме да избегаме од овие прашања. Дали ќе ги дискутираме сега, за шест месеци, за една година или за две години, тие прашања ќе бидат тука на маса и искуството со спорот со Грција ни кажува дека одлагањето и игнорирањето не прави тие да исчезнат, напротив, ги прави поголеми и потешки за решавање после одредено време. Затоа ќе апелираме постојано и до водството на ВМРО-ДПМНЕ, но и до сите пратеници да се вклучат во овој процес“,
рече Маричиќ.