Шефот на дипломатијата потсетува дека Соединетите Американски Држави имаат неколку механизми за санкционирање на лица за кои сметаат дека се поврзани со корупција и дека претставуваат закана за стабилноста и безбедноста на регионот и на земјава. Во тој контекст, тој ја спомена извршната наредба на американскиот претседател Џо Бајден од почетокот на јуни 2021 година
Кои имиња ќе се најдат на американската „црна листа“ на санкции, која се очекува да биде објавена од Вашингтон, министерот за надворешни работи Бујар Османи нема информации, но вели дека станува збор за важен инструмент кој е комплементарен со нашата борба против корупцијата.
Шефот на дипломатијата потсетува дека Соединетите Американски Држави имаат неколку механизми за санкционирање лица за кои сметаат дека се закана за стабилноста и безбедноста на регионот и на земјава.

Во тој контекст, тој ја спомена извршната наредба на американскиот претседател, Џо Бајден од почетокот на јуни 2021 година.
„Во однос на црната листа, се рибара дека тоа е право на САД кои имаат неколку различни механизми со кои санкционираат, едно преку т.н. извршна наредба на претседателот Бајден, со што се штити стабилноста на регионот, односно сите што ги загрозуваат Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор или ја нарушуваат стабилноста и мирот во Северна Македонија и регионот. И, се разбира, другите механизми на САД по однос на корупцијата, организираниот криминал итн. И мислам дека тоа е значително важен инструмент, кој е комплементарен на нашата борба против корупцијата. Се разбира, немам кои би биле тие (лица), но САД ја имаат целата наша поддршка и барање да ни помогнат со корупцијата и организираниот криминал, како едни од најголемите ризици како за стандардот на граѓаните така и за стабилноста и мирот“,
изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференцијата по неформалниот министерски состанок на САД – Јадранската повелба.
Инаку, во извршната наредба на претседателот Бајден од 2021 година не се споменуваат имиња, но се наведува дека одлуката е донесена поради состојбата на територијата на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија и во Република Албанија, во текот на изминатите две децении, вклучително и поткопувањето на повоените договори и институции по распадот на поранешната СФРЈ, како и широко распространетата корупција во рамки на различните влади и институции на Западен Балкан, што го спречува напредокот кон ефективно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции и со тоа претставуваат невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД.
Во наредбата се наведени повеќе точки за кои лица се однесуваат санкциите, а во една од нив е наведено дека станува збор и за лица кои:
„Се одговорни или соучесници во или директно или индиректно вклучени во кршење, или дело што го попречува или загрозува спроведувањето, каква било регионална безбедност, мир, соработка или договор или рамка за меѓусебно признавање или механизам за отчетност поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи го и Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата на Обединетите нации 1244 или Меѓународниот механизам за кривични судови за поранешна Југославија“
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер во четвртокот минатата недела во интервју за ТВ Алсат, откри дека во истрагите на американските власти за „црната листа“ се опфатени политичари, луѓе од правосудниот сектор и бизнисмени.
Сепак, како што рече таа, САД можат само да наметнат одреден вид на санкции за лицата за кои истрагите ќе покажат дека се поврзани со корупција, како финансиски санкции или забрана за патување во САД. Но, за тоа како ќе се поставува, односно какви мерки ќе се преземат против нив во земјава, зависи од институциите во С Македонија.
За потсетување, меѓу последните кои САД ги сместија на црна листа се поранешниот премиер Никола Груевски и ексшефот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, со нивните потесни семејства. Објаснувањето од американската влада беше дека ова е одговор на нивната вмешаност во значителната корупција.