Решенијата до локалите ќе бидат доставени во текот на денешниот ден по што ќе бидат пломбирани
Забрана за работа од 10 дена добија локалите „Интермецо“ и „Мош“ во Општина Центар бидејќи работеле подолго од дозволеното време – 1 часот по полноќ.
Инспекторите од Центар заедно со Државниот пазарен инспекторат направиле контрола откако добиле зголемен број пријави за гласна музика и непочитување на работното време.
„Поради пречекорување на работното време до 1 часот по полноќ, на кафулињата ’Интермецо‘ и ’Мош‘ пазарната инспекција им изготви записници за затворање и забрана за работа од 10 дена. Решенијата до локалите ќе бидат доставени во текот на денешниот ден по што истите ќе бидат пломбирани. Општина Центар постојано добива поплаки од граѓаните за гласна музика и непочитување на работното време по што во неколку наврати досега има изречено казни за бучава“,
велат од Општина Центар.
Локалната власт апелира до сите газди на угостителски објекти да ги почитуваат правилата и да имаат обѕир кон жителите кои живеат во непосредна близина на нивните локали.