Секое едно замрзнување на цена, дали е на лебот, јајцата, тестенините, не е на штета на компаниите. Компаниите се згрижени, можеби нема да продаваат со такви маржи какви што би сакале тие, но секако имаат маржа предвидена во цената, а сето тоа е донесено во интерес на граѓаните, вели вицепремиерот

Не верувам дека по завршувањето на рокот за замрзнати цени на одредени производи ќе се врати старата практика на вештачко зголемување на цените на начин како што во одреден временски период беше направено, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Но, ако се случи спротивното, ние како Влада нема да оставиме граѓаните да ја плаќаат највисоката цена, они ќе бидат згрижени“,
нагласува Битиќи.
Според него со замрзнувањето на цените веќе првите позитивни сигнали доаѓаат од самите компании.
„Во пазарната економија мора пазарно да се однесуваме. Овде сме за да ја надминеме заеднички кризата. Тоа што цело време повикуваме дека мора да има општествена одговорност, мора да има морално и етичко однесување на пазарот, сметам дека веќе на компаниите им е сосема јасно“,
додаде тој.
Битиќи уверува дека секое едно замрзнување цена, дали е на лебот, јајцата, на тестенините, не е на штета на компаниите.
„Компаниите се згрижени, може нема да продаваат со такви маржи какви што они би сакале, но секако имаат маржа предвидена во цената, а сето тоа е донесено во интерес на граѓаните“,
вели вицепремиерот Битиќи.
На почетокот на месецов со одлука на Владата беше ограничена цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. По оваа, Владата донесе одлука за замрзнување на цените на тестенините и на млечните производи. Најнова во низата одлуки за замрзнување на цените на основните продукти е одлуката со која цената на јајцата и оризот е ограничена на нивото на кое била на 15 март.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека доколку постои друг производ што ги исполнува условите за замрзнување, тогаш Владата ќе донесе таква одлука, а доколку нема, нема да има ниту одлука за ограничување на неговата цена.
Министерството за земјоделство веќе подготви анализа и за цените на овошјето и зеленчукот, а одлуката ќе ја носи Министерството за економија согласно Законот за трговија.