На нашето прашање, каде ќе завршат хаварисаните возила кои ќе ги отстрани општината, оттаму ни посочија дека за тоа е задолжен Градот и дека градските служби ќе ги носат возилата. Меѓутоа, од Градот не се согласуваат со ваквата констатација. Оттаму велат дека акцијата за отстранување на хаварисаните возила е на Карпош и општината сама треба да се погрижи за локацијата каде ќе завршат собраните возила
Општините се со „врзани раце“ затоа што законите не им овозможуваат целосна ингеренција за да можат да интервенираат, но проблем е и фактот дека во Скопје нема соодветна локација каде што можат да се носат ваквите автомобили. Општините не можат да сторат ништо освен да ги предупредат сопствениците да ги тргнат автомобилите од јавните површини
Општина Карпош во соработка со Град Скопје и Министерството за внатрешни работи почна акција за подигнување и отстранување на хаварисаните возила на територијата на општината. Предупредувања за отстранувања на возилата од јавните површини осамнаа на 250 возила кои не се во употреба, информираат од општината.
Граѓаните имаат рок до денес да ги отстранат возилата, во спротивно, автомобилите ќе бидат тргнати на нивна сметка и ќе им бидат поднесени прекршочни пријави.
„До сега се известени 250 сопственици, но постапката не е завршена, не запираме, таа ќе трае и во наредните месеци“,
велат од Општина Карпош за „360 степени“.
Акцијата започна на 21 февруари и ќе трае до 24 март, а инспекторите, како што информираат од општината на Фејсбук, прво излегоа на терен во Злокуќани и Бардовци.
„На 21.02.2023 г. (вторник) Општина Карпош – Сектор Инспекторат во соработка со Град Скопје и Полициска станица Карпош, ќе спроведе заедничка акција во УЗ Злокуќани и УЗ Бардовци. Целта на акцијата е согласно Закон за јавна чистота да се отстранат сите возила кои не се во возна состојба, предмети кои ја загадуваат околината, картони, пластични амбалажи, шут и сл. За таа цел, Ве информираме во најкраток можен рок да ги подигнете сите предмети кои се во ваша сопственост, во спротивно ќе се постапи согласно законските регулативи“,
соопшти Општина Карпош пред еден месец.
Од општината велат дека има позитивен одзив кај граѓаните, односно околу 60 отсто од нив реагирале и ги тргнале старите и хаварисани возила.
На нашето прашање, каде ќе завршат хаварисаните возила кои ќе ги отстрани општината, оттаму ни посочија дека за тоа е задолжен Градот и дека градските служби ќе ги носат возилата.
Меѓутоа, од Град Скопје не се согласуваат со ваквата констатација. Оттаму велат дека акцијата за отстранување на хаварисаните возила е на Карпош и општината сама треба да се погрижи за локацијата каде ќе завршат собраните возила.
„Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ не спроведуваат таква акција во моментов. Ова е акција која ја спроведува Општина Карпош, ако општината си обезбеди простор за складирање на такви возила, градската пајак служба може за надомест да биде ангажирана од општината, но не и за складирање на овие возила“,
одговорија од Град Скопје за „360 степени“.
Проблемот со хаварисаните возила во Скопје не е нов. Општините се со „врзани раце“ затоа што законите не им овозможуваат целосна ингеренција за да можат да интервенираат, но проблем е и фактот дека во Скопје нема соодветна локација каде што можат да се носат ваквите автомобили. Општините не можат да сторат ништо освен да ги предупредат сопствениците да ги тргнат автомобилите од јавните површини, бидејќи сопствениците секогаш можат да се пожалат дека нешто им недостига на нивните возила и да побараат штетата да им бидат надоместена. Таков беше примерот кога Општина Карпош пред повеќе години имаше акција за отстранување на хаварисаните возила и тогаш ги собра сите и ги однесе на топење, за што потоа сопствениците ја тужеа општината.
Општина Центар пред две години спроведе успешна акција за собирање на хаварисаните возила. Тие бесплатно беа однесени во депото на фирмата „Васкони скрап“ каде што беа исечени и продавани како старо железо, за што сопствениците добија надоместок од фирмата согласно нивниот ценовник за откуп на отпад од хаварисани возила.
Град Скопје во септември 2020 година донесе одлука за масовно отстранување на хаварасани и нерегистрирани возила од јавните површини на територијата на главниот град.
Тогашниот градоначалник Петре Шилегов имаше план во населбата Драчево да направи депонија за метал, отпад на Град Скопје.
Во предлогот стоеше дека Градот се согласува „пајаците“ на ЈП „Градски паркинг“ да се користат за отстранување на напуштените возила во сите општини, освен во Центар каде што оваа услуга би ја извршувало ЈП ПОЦ. Притоа се предлагаше возилата што ќе бидат отстранети од јавните површини да бидат времено депонирани на одредена локација во Драчево.
Сепак, оваа одлука не беше поддржана на седницата на Советот на Град Скопје, односно за неа не гласаа советниците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“.