Со изградбата на пречистителната станица, ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води во Скопје со што ќе се исполнат минималните барања од Директивата на ЕУ за третман на урбани отапдни води
Откако ќе биде пуштена во функција, пречистителната станица ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540 000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет. Ќе се намали и протекувањето, па 70 отсто од искористената вода ќе може да се употреби што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од реката Вардар која тече од Скопје кон Егејско Море да биде помалку загадена, вели евроамбасадорот Гир
Со ЕУ грантот од 70 милиони евра државата денеска ја заокружи финансиската рамка вредна над 200 милиони евра потребни за изградба на пречистителна станица во Скопје со која ќе се овозможи третирана вода со врвен квалитет, според европските стандарди и заштеда од протекување, како и подобри услови за живот за околу 540 000 луѓе.
За проектот, кој е и најголемиот досега кај нас во секторот животна средина, останува уште да се завршат процесот на експропријација и урбанистичко-ппланската документација со Градот Скопје и Општина Гази Баба, како и да се потпишат договорите за градба и надзор од страна на ЈП „Водовод и канализација“.
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, на денешното потпишување на Договорот за грантот, рече дека со изградбата на пречистителната станица, ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води во Скопје со што ќе се исполнат минималните барања од Директивата на ЕУ за третман на урбани отапдни води.
„Пречистелната страница е предизвикувачки процес кој бара голема координација на сите засегнати страни. Но, сите заедно сме подготвени да го прифатиме предизвикот. Целта на проектот е да даде значаен и мерлив придонес за подобрување на скопската урбана средина и за подобрување на третманот на отпадните води, прочистување и елиминација на милта, а со тоа и подобрување на квалитетот на живот и водните тела“,
рече Шукова.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими за овие средства државата ниту треба да се задолжи, ниту да плаќа камата, а не треба ни да се вратат.
„Ова се пари за нашите граѓани, за 500 000 жители во градот Скопје. Ова е уште една потврда дека нашата европска иднина и членството во ЕУ не се само формален или политички процес, туку значат вистинско подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните и се јасен сигнал за поддршката што ни ја дава ЕУ“,
подвлече Бесими кој исто така е потписник на договорот.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ рече дека конечно скопјани ќе ја добијат пречистителната станица која е од витално еколошко значење.
„Ова е потврда дека европската интеграција е најдобрата формула за натамошниот развој на земјата, а дека членството во ЕУ не значи само исполнување на критериумите и усогласување со законодатството, туку и конкретна помош за државата и конкретни придобивки за граѓаните. Ги носиме европските стандарди на живеење кај нас. Во чекор сме кон целта на зелената агенда на Западен Балкан“,
потенцира вицепремиерот Маричиќ.
И евроамбасадорот Дејвид Гир потврди дека грантот е уште една практичен пример за поддршката од ЕУ за Северна Македонија.
„Откако ќе биде пуштена во функција, пречистителната станица ќе може безбедно да ја третира и прочистува водата за 540 000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, согласно европските стандарди. Ќе се намали и протекувањето, па 70 отсто од искористената вода ќе може да се употреби што е од суштинско значење во период на климатски промени и зголемување на урбаното население. Тоа ќе помогне и водата од реката Вардар која тече од Скопје кон Егејско Море да биде помалку загадена“,
посочи Гир.
Заменик претседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ) Лилјана Павлова потсети дека овој проект досега доби голема техничка помош и поддршка, а во претстојните денови треба да се потпишат договорите за изградба и надзор од Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“.
„Се работи за најголем инвестициски грант за Северна Македонија во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан“,
рече Павлова која осврнувајќи се на статистиките, укажа дека до 2025 година, 800 милиони луѓе во светот ќе се соочат со недостиг на вода.
Пречистителната станица за отпадни води за Скопје, која треба да се гради во Трубарево, Општина Гази Баба, треба да ги пречистува отпадните, фекални и канализациски води од речиси сите домаќинства во главниот град и такви да се испуштаат во реката Вардар.
Пречистителната станица беше предмет на големи контроверзи, откако лани во октомври, скопската градоначалничка Данела Арсовска обвини дека функционери на ВМРО-ДПМНЕ биле вмешани во малверзации со тендерот за изградба. Следуваа разрешувања на директори и други функционери, смени во комисијата која треба да одлучи кој ќе ја гради пречистелната станица, а тоа беше почеток на „расколот“ меѓу Арсовска и партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Изведувачот на градежните работи требаше да биде избран меѓу два конзорциума, но како што соопшти Градот Скопје поради „самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер“, разрешен беше директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински, како и генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски.
„Јас се надевам дека ќе ги надминеме недоразбирањата. Разговарав со Арсовска и наскоро ќе ги утврдиме наскоро термините кога да бидат потпишани овие договори“,
изјави Шукова денеска.
Градоначалничката Данела Арсовска вели дека треба да се имаат предвид додадените вредности кои проектот самиот по себе ги носи, а тоа е што Градот ќе има прочистување на над 90 отсто од урбаните отпадни води во градот.
„Верувам дека по завршување на сите неопходни постапки на следниот настан ќе се озваничи сето она што „Водовод и канализација“ го работеше изминатите пет години и дека ќе имаме можност да го овековечиме овој проект кој е најголемиот еко капитален проект во Република Македонија, но и во регионот“,
истакна Арсовска.