Лице со српска патна исправа, кое пристигнало со редовниот вечерен лет од Истанбул, е упатено на детален претрес и преглед на багажот. Притоа, во неговиот куфер и рачниот багаж е откриен разновиден златен накит пакуван во најлонски кеси, меѓу кои и накит од бело злато со дијаманти со приложени сертификати, велат од Царинската управа

На Меѓународниот аеродром „Скопје“ вчера се запленети над 43 килограми златен накит. Како што информираат од Царинската управа, станува збор за рекордна заплена на златен накит чија вредност се проценува на околу 2,3 милиони евра.
„По претходни сознанија и основан сомнеж, лице со српска патна исправа, кое пристигнало со редовниот вечерен лет од Истанбул, е упатено на детален претрес и преглед на багажот. Притоа, во неговиот куфер и рачниот багаж е откриен разновиден златен накит пакуван во најлонски кеси, меѓу кои и накит од бело злато со дијаманти со приложени сертификати“,
рече на денешната средба со новинарите Славица Кутиров, директорка на Царинската управа.
Лицето, како што рече Кутиров, претходно се упатило на зелен канал и не ја пријавило стоката.
„Лицето и накитот се привремено задржани и во моментот се спроведува истрага. Во истрагата се вклучени секторите за контроли и истраги и за професионална одговорност на Царинската управа“,
додаде таа.
За случајот веднаш бил известен дежурниот јавен обвинител заради спроведување понатамошни истражни дејствија.
На прашањето дали С Македонија била крајната дестинација за златниот накит, Кутиров рече дека понатамошната постапка ќе покаже каде тој требало да заврши, а во интерес на истрагата не сакаше да даде повеќе информации.
Од почетокот на оваа година, како што рече Кутиров, ова е втор случај на запленет златен накит.