За време на средбата со претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, Роберт Бриегер, министерката, меѓу другото, се заблагодарила за помошта од девет милиони евра со која ЕУ го поддржува процесот на опремување и модернизација на Армијата на земјава. Нагласила дека ваквата помош покажува оти интересот за сè поблиски односи на релација Северна Македонија – ЕУ е голем
Од увозник на безбедност, Северна Македонија стана столб на регионалната безбедност и стабилност. Ова утринава го порачала министерката за одбрана Славјанка Петровска за време на средбата во Брисел со претседавачот на Воениот комитет на Европската Унија, Роберт Бриегер.

„Потврда за тоа е нашето учество во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, АЛТЕА од 2006 година, како и нашето учество во борбените групи на Унијата. Досега 363 армиски припадници беа дел од АЛТЕА, додека во мисијата на ЕУ во Централноафриканската Република учествуваа шест армиски офицери“,
рекла министерката на состанокот со шефот на Воениот комитет на ЕУ.
За време на средбата со Бриегер, Петровска се заблагодарила за помошта од девет милиони евра со која ЕУ го поддржува процесот на опремување и модернизација на Армијата на земјава. Нагласила дека оваа поддршка од страна на Европскиот мировен фонд покажува оти интересот за сè поблиски односи на релација Северна Македонија – ЕУ е голем.
Претседавачот на Воениот комитет на Европската Унија, Роберт Бриегер, за време на средбата изразил задоволство што и двете страни се амбициозни во намерата да ја зацврстат одбранбената соработка и се заблагодарил за долгогодишното учество на припадниците на Армијата на РСМ во мисии и операции на Унијата.

Петровска од денеска е во неколкудневна работна посета на Брисел, каде што на покана на високиот европски претставник Жозеп Борел ќе учествува и ќе се обрати на првиот Безбедносно-одбранбен форум Шуман, а ќе има и повеќе засебни средби со високи претставници на НАТО и ЕУ.
Целта на овој форум, како што информираат од Министерството за одбрана, е да ја зацврсти соработката помеѓу релевантните глобални и регионални актери во областа на безбедноста и одбраната и да биде форум на кој ќе се разговара за клучните безбедносни прашања и начините на зацврстување на меѓународниот мир и безбедност.
