Андрија Мандиќ, кој отворено ги повика своите поддржувачи во вториот круг да го поддржат Јаков Милатовиќ, денеска освои 19,3 %. Инаку, Ѓукановиќ е прв по првиот круг со 35,3 %, а Милатовиќ доби 29,2 % и тие двајца ќе се соочат за 14 дена
Лидерот на Демократскиот фронт и еден од седумтемина кандидати на денешните претседателски избори, Андрија Мандиќ, вечерва излезе со отворена поддршка за заменик-претседателот на движењето Европа сега, Јаков Милатовиќ, откако стана јасно дека тој ќе му биде противкандидат на актуелниот претседател на Црна Гора и победник во првиот круг, Мило Ѓукановиќ.
Мандиќ порача дека Ѓукановиќ мора да стане минато во Црна Гора и ги повика сите што гласале за него во првиот круг во вториот да го поддржат Милатовиќ, независно дали тој ќе ја почитува поддршката, која ќе биде клучна за да стане претседател на земјата.
„Народот ја поддржа политиката на помирување, која значи иднина за Црна Гора. Победа на нашиот колега Милатовиќ во вториот круг е невозможна без поддршката на ДФ“,
кажа Мандиќ.
Проекцијата на резултатите од денешниот прв круг што го прави Центарот за мониторинг и истражување (ЦЕМИ), а врз основа на обработени 99,5 отсто од нивниот примерок, покажува дека Ѓукановиќ освоил 35,3 % од гласовите, додека втор е Милатовиќ со 29,2 отсто. Мандиќ, кој излезе со поддршка на Милатовиќ, е третопласиран со 19,3 отсто.

Се очекува неизвесен втор круг пред кој аналитичарите велат дека Ѓукановиќ ќе треба да се обиде да ги мобилизира оние што традиционално гласаат за неговата партија, а денеска останале дома, како и да ја максимизира излезеноста кај дијаспората која вообичаено ја поддржува Демократската партија на социјалистите (на Ѓукановиќ). Актуелниот шеф на државата ќе се бори и за гласовите на кандидатката на Социјалдемократската партија, Драгиња Вуксановиќ-Станковиќ, која денеска освојува 3,2 %.
Од друга страна, освен од Мандиќ, отворена поддршка за Милатовиќ вечерва стигна од уште еден просрпски кандидат Јован Радуловиќ (0,8 %), а такво нешто можеше да се насети и од обраќањето на четвртопласираниот денеска Алекса Бечиќ (10,9 %). Тоа го прави Милатовиќ фаворит во директното соочување со Ѓукановиќ, кој е на власт во Црна Гора од 1991 година (како премиер или шеф на државата).
Вториот круг од претседателските избори во Црна Гора ќе се одржи на 2 април.