Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека, откако фирмата „Електра солушн“ добила лиценца за надзор, добила и грант од владиниот Фонд за иновации (ФИТР) во вредност од 65 000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“
Молкот на Јавното обвинителство за скандалот во врска со надзорот на коридорите 8 и 10-д укажува дека е соучесник на власта во криминалните зделки. Јавноста е сведок како криминалните зделки на владата на Димитар Ковачевски поминуваат неказнето од страна на правосудните органи, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Скандалот околу миленикот на власта ‘Електра солушн’ секој ден добива нови размери, а ЈО упорно молчи и не презема ништо. ‘Електра солушн’ од фирма за гаќи стана главен столб на власта за испумпување на народни пари. Од 22 милионскиот тендер ќе земе 8,3 милиони евра за водење на надзор. Владата на Ковачевски на јавноста тврдеше дека надзорот ќе го вршат странски експерти, а домашните се само локална помош, и излезе дека главен играч околу кој се врти целиот тендер е фирма која произведувала гаќи. А, лиценцата за надзор миленикот на власта т.е. ‘Електра солушн’ поднесува 12 дена по распишување на повикот за доставување на понудите, а ја добива пет дена потоа“,
се посочува во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму нагласуваат дека, откако „Електра солушн“ добила лиценца за надзор, добила и грант од владиниот Фонд за иновации (ФИТР) во вредност од 65 000 евра за проект „Дигитално решение за управување со градежни проекти“.
„Нема крај на криминалот на оваа влада. Одговорност за овој скандал од епски размери мора да има. Но не само одговорност за функционерите кои го дозволиле ова, туку и правосудните органи кои свесно молчеле и го заштитувале тоа“,
нагласуваат од најголемата опозициска партија.
Дел од конзорциумот што го доби тендерот за надзор на изградбата на автопатите од Коридорите 8 и 10-д се две странски (италијанската ИРД и шпанската „Ептиса“) и две домашни компании („Електра солушнс“ и „Евро консалтинг“).
Иако ИРД на хартија е водечка компанија во конзорциумот, ако се погледне распределбата на над 22 милиони евра за надзор, сликата е поинаква. Како што објави „360 степени“ во понеделникот, најголем дел од милионскиот тендер одат кај „Електра солушнс“ или подизведувачите што ги ангажирале. Тоа се околу 8,3 милиони евра. Втора по „тежина“ е, исто така, македонската „Евро консалтинг“, на Бранислав Димитријевиќ за кого има обвинение во Ерменија – за чии услуги се наменети околу 7,1 милиони евра од тендерот. Од останатите пари, 4,1 милиони одат кај ИРД од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на ИРД во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиони евра. За последниот партнер во конзорциумот, шпанско-кинеската „Ептиса“, се предвидени 400 000 евра.
Друг интересен аспект кој го покажа анализа на „360 степени“ на договорот помеѓу „ИРД инженеринг“ и Јавното претпријатие за државни патишта, се имињата на експертите што ќе работат на надзорот, но и колку ќе чини нивната работа. Од 81 име, само пет се на странци, од кои четворица од земји од соседството.
Исто така, анализата покажа и дека ангажманот на петмина странци е со паушал од 300 илјади евра по човек.
Претходно, за една од фирмите кои се дел од надзорот – „Евро консалтинг“, „Призма“ објави дека еден од сопствениците, Бранислав Димитријевиќ, во Ерменија бил ангажиран како лидер на тим во француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“ за голем инфраструктурен проект. Ерменското обвинителство, пак, има покренато обвинение за тој проект – „Развој и спроведување патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“. Димитријевиќ, конкретно, таму се гони за кривично дело кое во ерменскиот закон гласи „извршена измама од голем обем“ (член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик на Ерменија).
„Призма“: Од скандал во Ерменија до надзор на „Бехтел и Енка“ во Македонија
„Ептиса“, која учествувала во конзорциумот во Ерменија, а сега е дел од конзорциумот во Македонија, пак, веќе има своја историја и во земјава. За неа, ТВ Алсат-М објави дека Владата на 24 ноември 2020 година донела одлука со која на сите државни институции и општини им забранила да ја ангажираат на тендери над 1 милион евра поради незаконско, неетичко и неодговорно постапување во надзорот на работите на пругата Куманово – Бељаковце. Меѓутоа, одлуката била укината на 9 февруари 2021 година.
Вчера на оваа тема се осврна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека за месеци од сега, лично тој ќе се занимава со скандалот поврзан со надзорот на изградбата на коридорите 8 и 10Д.
Прашан дали ќе бара да реагира Обвинителството, Мицкоски посочи дека не очекува такво нешто, но и дека овој, како што рече, криминал, може само засега да се става под тепих.
„Овој криминал сега може да се стави под тепих и тие луѓе коишто се соучесници и оваа фирма за долен веш којашто се пријавува како надзор на овој капитален проект, треба да им е јасно дека за месеци од денеска лично јас ќе се занимавам со овој проект, односно со оваа јавна набавка со којашто треба да се врши надзор и супервизија на градежните работи во изградба на два значајни коридори, односно два значајни патни правци коишто се поделени сега во четири отсечки, а коишто се дел од коридорот 8 и коридорот 10-д. Еве, лично на македонската јавност ѝ кажувам дека лично јас ќе се занимавам и сè ќе дадам од себе за да виновниците коишто се обидуваат на маката на овој опљачкан, напатен и осиромашен народ да печалат дополнителни пари, да бидат изведени пред лицето на правдата. И ова не е закана, ова е предупредување. Затоа што нема играње, мора во оваа држава да престанеме да си играме со трпението на народот и со маката на народот, доста е политичари криминалци, доста е од политичари коишто се богатат на маката на народот“,
изјави Мицкоски.