За обезбедување докази МВР и обвинителството користеле ПИ мерки, претреси биле извршени на седум локации при што беше откриена лабораторија за амфетамин и беше запленета дрога од околу половина милион евра

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје бара Кривичниот суд во Скопје да им одреди притвор на петмината осомничени за купување, држење и препродавање дрога. Меѓу осомничените се четворица мажи и една жена, за која веќе е познато дека е наставничка од основно училиште во Аеродром.
Барањето за притвор доаѓа заедно со отворањето истрага, а обвинителот смета дека осомничените треба да добијат најстроги мерки поради опасност од бегство или повторување на делото.
Сите се осомничени за продолжено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. Во прибирањето на доказите биле користени и посебни истражни (ПИ) мерки.
„Во периодот од крајот на јануари до средината на март, осомничените четворица мажи и една жена, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики.Со посебни истражни мерки и други дејствија по наредба на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје обезбедени се докази за основано сомнение дека осомничените во наведениот период неовластено произведувале и заради продажба купувале, држеле и продавале психотропна супстанца – амфетамин, стимуланс на централниот нервен систем (ЦНС) кој е класифициран во Националната листа II на контролирани психотропни супстанции“,
велат од ОЈО Скопје.
Оттаму ги споделија и деталите за тоа што е запленето, а кои веќе во најголем дел претходно ги објави и МВР.
Имено, при претреси на седум локации во Скопје вчера и денеска наутро била откриена лабораторија за производство на амфетамин, а дрогата која била запленета е со проценета вредност од околу половина милион евра. Конкретно запленети се: седум килограми амфетамин, еден килограм кокаин, околу 22 килограми марихуана и околу 3000 таблети екстази.
Полицијата пронашла и одзела и повеќе дигитални ваги и опрема за производство на амфетамин, евиденции, тетратки и листови со прибелешки за должници односно лица кои купувале дрога, како и пари за кои постојат основи на сомнение дека потекнуваат од продажба на дрога.
Кај еден од осомничените била пронајдена и автоматска пушта, 667 куршуми со различен калибар, рамки и други дело од оружје поради што тој е осомничен и за неовластено изработување, држење посредување и тргување со оружје.
За наставничката денеска се огласи и градоначалникот на Аеродром кој посочи дека таа била вработена во ОУ „Александар Македонски“ и побара случајот целосно да се расчисти, а Општината и училиштето ќе соработуваат со полицијата.