Соговорниците на средбата се осврнале на важноста од следниот исчекор на земјава во европските интеграции, како прашање од значење за перспективите на нашата држава, но и за стабилноста на регионот и на Европа
Премиерот Димитар Ковачевски претпладнево во Владата ги пречека и оствари средба со високиот претставник за надворешна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Средбата со Борел и Вархеји, Ковачевски ја остварува пред почетокот на 16. Совет за стабилизација и асоцијација помеѓу РСМ и ЕУ, што ќе се одржи денеска во Скопје, а со кој ќе претседава македонскиот премиер.
Пред почетокот на Советот, Ковачевски во разговор со Вархеји и Борел им се заблагодарил за нивниот придонес, како и на европските партнери, за заедничкиот успех во отворањето на преговорите на земјава со ЕУ лани во јули.
„Владата на Република Северна Македонија е фокусирана на европската агенда, работи на имплементацијата на реформите, на унапредувањето на соседските односи во духот на европските вредности и е посветена на успех и во следниот исчекор во евроинтеграциите“,
нагласил Ковачевски за време на средбата со европските претставници.
Соговорниците на средбата се осврнале на важноста од следниот исчекор на земјава во европските интеграции, како прашање од значење за перспективите на нашата држава, но и за стабилноста на регионот и на Европа.