В.А. во разговорот појаснила дека нема информација за таков настан, туку дека слушнала муабети од деца, а кога новинари телефонски ја повикале да поразговараат на темата, тогаш сфатила дека направила грешка и го избришала статусот, информираат од МВР
Професорката од Филозофскиот факултет Виолета Ачкоска денеска била повикана на службен разговор во полицијата поради информациите што ги објави вчера на социјалната мрежа Фејсбук, дека средношколец починал откако бил отруен со дрога која му била ставена во пијалак во скопско кафуле, информираат од МВР. Потврда за ваквите информации Ачковска немаше, а подоцна, во текот на денот, ја избриша објавата.
„Денеска (16.03.2023) во полициска станица при СВР Скопје бил извршен службен разговор со В.А. поради наведени податоци дека гимназијалец бил отруен со дрога ставена во пијалак, во објавен статус на социјалната мрежа Фејсбук, а со цел да се обезбедат евентуални дополнителни податоци во врска со случајот кои лицето може да ги има. В.А. во разговорот појаснила дека нема информација за таков настан, туку дека слушнала муабети од деца, а кога новинари телефонски ја повикале да поразговараат на темата, тогаш сфатила дека направила грешка и го избришала статусот“,
соопшти МВР.
Во врска со случајот од страна на СВР Скопје ќе биде известено Основното јавно обвинителство Скопје, со цел добивање насоки за понатамошни мерки и активности, додаваат од полицијата.
Ачковска вчера на Фејсбук објави дека гимназијалец бил отруен со дрога ставена во пијалак, а имало и други слични такви случаи.
„Дали некој знае дека денес се погребува гимназијалец отруен со дрога ставена во пијалак во кафуле. Дали некој знае уште за неколку слични случаи на деца, кои, по халуцинацијата, се фрлат од петти кат и слични самоубиства… Можеби некој знае, но не оваа јавност, која сè уште е траурна од смртта на малата Тамара, нека почива меѓу ангелите“,
стоеше во објавата на професорката Ачкоска која таа подоцна ја избриша.

Ваквото нејзино непоткрепено тврдење дел од порталите го пренесоа како ударна вест, со што создадоа паника во јавноста, а на социјалните мрежи почнаа да се плетат разни приказни, па се отиде дури дотаму дека, покрај гимназијалецот, во парк биле пронајдени уште неколку млади лица починати како последица на труење со дрога.
По ова реагираше МВР нагласувајќи дека станува збор за лажни вести кои имаат за цел предизвикување паника, вознемиреност и постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните.
„Најостро ги демантираме лажните вести во врска со наводно пронајдени починати средношколци во Градскиот парк во Скопје, поради употреба на дрога, кои се шират по социјалните медиуми. Имено, овие лажни вести започнаа оркестрирано да се шират на социјалните медиуми во изминативе неколку дена, при што заедничката шпекулација за сите е дека група средношколци наводно починале од употреба на дрога во скопскиот Градски парк, а низ објавите се разликува само бројката на лица кои биле во групата, која варира од 3 па сѐ до 9, како и периодот на наводно случување на наводниот настан – од викендов, па сѐ до денеска (15.03.2023)“,
соопштија од МВР.