„Сите инволвирани лица кои системски, свесно со сторување и несторување здружено и со намера му го сторија ова неправо на Бојан ќе мораат да понесат кривична одговорност и да бидат најстрого санкционирани. Ќе бидат поднесени кривични пријави за лица од правосудството, органи на извршната власт и здравствени работници кои заеднички, здружено, свесно и со намера, секое од пријавените лица со одделни и поврзани дејствија на сторување, ги сториле делата за кои ќе биде иницирана кривична постапка од нас“, велат родителите на Јовановски
Родителите на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, Јасминка и Миле Јовановски, преку писмо испратено до медиумите информираат дека ќе поднесат кривични пријави против лица од правосудството, органи на извршната власт и здравствени работници поради „организирано и здружено дејствување и соизвршување од безобѕирна одмазда, користољубие и по нарачка“ со што се доведува во прашање животот на нивниот син.
Тие изразуваат сериозна загриженост за актуелната здравствена состојба во која се наоѓа Бојан, а како граѓани на оваа држава велат дека се чувствуваат загрозени и огорчени од „организираната тортура и линч што му се случуваат на Бојан целиот овој период, на него лично, а и на целото наше семејство како рефлексија од омразата, нечовечноста и антагонизмот кон Бојан“.
„Ве информирам дека за целиот овој период од почетокот на кривично-правните процеси против Бојан па се до денес се немам огласено ниту еднаш во јавност, не од причина дека немам што да кажам. Сум била воздржана, но повеќе самата актуелна состојба со животот и здравјето на Бојан тоа не ми го дозволуваат, бидејќи врз него ќе биде извршена операција тотална гастректомија, односно целосно отстранување на витален орган желудник, со што ќе настапи траен инвалидитет на мојот син Бојан. Од тие причини со целиот мој морален и професионален дигнитет и се обраќам на јавноста преку ова јавно соопштение и немам за цел да предизвикам чувство на сожалување, туку единствено да порачам дека од овој момент преку сите законски инструменти предвидени со домашното и меѓународното законодавство ќе се борам заедно со мојот сопруг преку нашите правни полномошници против злото и неправдата која му е сторена на Бојан и на тој начин директно му е загрозен неговиот живот“,
пишува мајката на Боки 13 во писмото.
Сите инволвирани лица кои „системски, свесно со сторување и несторување здружено и со намера му го сторија ова неправо на Бојан“ ќе мораат да понесат кривична одговорност и да бидат најстрого санкционирани, додава Јовановска.
„За ова изживување, малтретирање и тортура кон Бојан мора да има одговорност! Поради сето горенаведено, поради организирано и здружено дејствување и соизвршување од безобѕирна одмазда, користољубие и по нарачка, под сомнение за сторени повеќе кривични дела ќе бидат поднесени кривични пријави за лица од правосудството, органи на извршната власт и здравствени работници кои заеднички, здружено, свесно и со намера, секое од пријавените лица со одделни и поврзани дејствија на сторување, ги сториле делата за кои ќе биде иницирана кривична постапка од нас, како подносители, родителите на Бојан Јовановски, Јасминка и Миле Јовановски, пред надлежното јавно обвинителство. Пред надлежен јавен обвинител ќе бидат образложени сите наводи и кривичните пријави ќе бидат поткрепени со цврсти докази. Одговорност за целото нанесено зло и за сите инволвирани лица кои се директно одговорни за оваа ситуација, ќе има, без исклучок!“,
стои во писмото од родителите на Јовановски.
Адвокатите на Боки 13 минатата недела алармираа дека му се влошило здравјето на нивниот клиент и дека било предложено целосно да му се отстрани желудникот.