Состојбите се следат и не мора да значи дека мерката за замрзнување на цените на одредени производи нема да продолжи и по утврдениот рок ако економскиот тим на Владата одлучи дека дава ефекти и дека и понатаму треба да биде оваа мерка, вели министерката за труд и социјална политика

Инфлацијата е потсмирена и се намалува. Најважно е што имаме тренд на намалување и тој ќе продолжи и понатаму. Не само мерките за замрзнување на цените и сите други мерки што ги носи Владата се токму во таа насока, да се намали инфлацијата, економијата да расте и граѓаните да живеат подобро, рече министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска во вечаршното гостување на ТВ 24.
За одлуките на Владата за замрзнување на цените на одредени производи, Тренчевска вели дека не е исклучена можноста овие мерки да продолжат и после 1 мај.
Според неа состојбите се следат и оти не мора да значи дека мерката нема да продолжи и по утврдениот рок ако економскиот тим на Владата одлучи дека дава ефекти и дека и понатаму треба да биде оваа мерка.
Тренчевска е задоволна од одлуката што беше донесена вчера на Економско-социјалниот совет за висината на минималната плата бидејќи, како што истакна, е резултат на системско решение од минатата година кога со измените на Законот за минимална плата беше утврдена нова методологија врз основа на која ќе се зголемуваат платите.
„Токму со ова системско решение имаме одлука за минимална плата од март 2023 од нето износ 20 175, што значи дека во државата нема да има основна плата под оваа сума. Ако се вратиме во годините наназад ќе видиме дека дури и во услови на криза минималната плата расте. Со минималната плата ќе пораснат и другите плати, онаму каде матичните закони се усогласени со Законот за минимална плата, односно каде во основната плата влегува минималната плата, платите исто така ќе се зголемат за 2 175 денари“,
рече Тренчевска.
Министерката за труд и социјална политика рече дека нема да има голем број работници кои ќе земаат минимална плата.
„Ги чекаме податоците од УЈП за исплатата на мартовската плата. Платите растат и нема да е голем бројот на работници кои земаат минимална плата. Платите растат и во јавната администрација и во приватниот сектор“
рече таа.
Во однос за најавите дека во Македонија ќе се увезува работна сила од странство, додека домашната да се доквалификува, Тренчевска рече дека веќе се работи и на повеќе законски измени.
„Евидентно е дека имаме недостаток на работна сила во државата, но евидентно е и тоа дека има голем број домаќинства кои се приматели на гарантирана минимална помош и кои се работоспособни. Затоа правиме измени во делот на Законот за социјална заштита за да можеме да ги вратиме на пазарот на трудот. Државата не може да си дозволи со години некој да биде во систем на социјална заштита и тој да се навикне и да не работи. Во тој дел од 36 000 домаќинства со два, три, четири члена во семејството да пресметаме колку луѓе може да се стават на пазарот на трудот. И тоа го работиме и ќе продолжиме во овој период, а рботиме и на други законски решенија кои ќе значат лесен влез на пазарот, одјава и пријава, особено во делот на туризам и угостителство. Но, секако дека ако има потреба една од идеите е увоз на работна сила“,
додаде Тренчевска.
Според неа увоз на работна сила ќе биде во согласност со потребите на приватниот сектор.
„Ако не се задоволува со постоечката работна сила тогаш ќе одиме на таа варијанта. Тоа ќе биде во разговор и дебата и во согласнос со потребата на пазарот на трудот, со потребата на Стопанска комора, Организацијата на работодавачи“,
додаде таа.