Воените сили на Јужна Кореја и САД вчера ги започнаа 11-дневните масовни заеднички воени вежби кои се наменети за спротивставување на заканите од Северна Кореја

Додека сојузниците САД и Јужна Кореја ги изведуваат најголемите воени вежби во последните неколку години, Северна Кореја реши да истрела нови ракети.
Војската на Јужна Кореја соопшти дека Пјонгјанг истрелал две балистички ракети од источниот брег, додека пак Јапонија рече дека собира информации за ракетите и засега не е потврдена некаква штета поврзана со лансирањето.

Северна Кореја сличен потег имаше и пред два дена кога, како што објави земјата, тестирала две стратегиски крстосувачки ракети од подморница.
Од друга страна, пак, воените сили на Јужна Кореја и САД вчера ги започнаа 11-дневните масовни заеднички воени вежби „Штитот на слободата 23“ кои се наменети за спротивставување на заканите од Северна Кореја.
Ова за Пјонгјанг е проба за инвазија и смета дека воените провокации од Вашингтон и Сеул допираат до црвените линии.