Гинекологот во гинеколошко-акушерската приватна болница „Плодност“ во Битола, кој пред неколку дена покажа позитивни резултати на коронавирусот, на последното тестирање е негативен, информираат од болницата.
Покрај него, биле тестирани и неговиот татко и директор на болницата д-р Таше Трпчевски и останатите членови на семејството, кои покажале негативни резултати. Сепак, од болницата информираат дека ќе останат во домашна изолација.
„За радост на целото семејство, сите пет резултати кои беа земени во саботата, се негативни и сите сме во добро здравје. Минатиот понеделник, пред една недела, кај д-р Христијан Трпчевски тестот беше негативен. Во петокот позитивен, а во саботата, кога сите се тестиравме, повторно негативен. Дали д-р Христијан Трпчевски имаше или немаше коронавирус, останува отворено прашање, за кое медицината треба да одговори. Иако фамилијарно сите сме лекари, немаме одговор на оваа состојба“,
стои во соопштението на болницата на Фејсбук.
Оттаму најавуваат дека болницата ќе остане затворена до 13 април. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека до тогаш сите вработени ќе бидат пратени на домашна самоизолација, а по14 дена ќе се прави нова евалуација.