Вооружениот напаѓач, според полицијата, дејствувал сам, а како што пишува германскиот магазин „Шпигел“, станува збор за лице на возраст меѓу 30 и 40 години, кое било поранешен член на верската заедница Јеховини сведоци. Мотивите за нападот, како што пренесуваат медиумите повикувајќи се на полицијата, и понатаму остануваат нејасни
Полицијата во Хамбург утрово соопшти дека вкупно осум лица се мртви по синоќешниот вооружен напад во храм на Јеховините сведоци во градот, меѓу кои и осомничениот напаѓач, пишува „Гардијан“.
„Осум лица беа фатално повредени, вклучувајќи го и осомничениот сторител“,
се вели во соопштението на полицијата во Хамбург од каде што додаваат дека неколку други лица се повредени од кои дел сериозно.

Мотивите за нападот, како што пренесуваат медиумите повикувајќи се на полицијата, и понатаму остануваат нејасни.
Вооружениот напаѓач, според полицијата, дејствувал сам, а како што пишува германскиот магазин „Шпигел“ (Der Spiegel), станува збор за лице на возраст меѓу 30 и 40 години, кое било поранешен член на верската заедница Јеховини сведоци.
Германскиот канцелар Олаф Шолц утрово го опиша пукањето како „брутален чин на насилство“ и додаде дека неговите мисли се со жртвите и нивните роднини.
Заедницата на Јеховините сведоци во Германија соопшти дека е тажна поради ужасниот напад врз нејзините членови, кој се случил по верска служба во нивната црква во Хамбург.
Вооружениот напад бил пријавен во 21:15 часот по што полицијата во Хамбург соопшти дека е во тек голема операција во областа Грос Борстел во градот. Неколку улици беа затворени, а јавноста преку СМС-порака беше предупредена да ја избегнува областа. На локалното население му било кажано да остане во затворени простории и да ги користи телефоните само „во екстремна итност“ за да не се преоптоварува мрежата.

Специјализирана вооружена единица на полицијата, како што пишува „Гардијан“ повикувајќи се на локални медиуми, случајно веќе била во близина на црквата кога се случило пукањето. Тие се враќале во нивното седиште во Алстердорф кога слушнале истрели.
Форензичарите во текот на целата ноќ работеле на местото на настанот, а како што пренесува „Би-би-си“, можеле да се забележат и утрово во нивните бели костими во силно осветлената внатрешност на објектот.
Лара Бауч, 23-годишна студентка која живее во близина за новинската агенција ДПА изјавила дека имало околу четири рафали од огнено оружје – по неколку истрели во секој рафал – со празнини кои траат приближно 20 секунди до минута.
Таа изјавила дека од нејзиниот прозорец можела да види лице како избезумено трча од приземјето кон првиот кат.
„Мажот беше облечен во темна облека и брзо се движеше“,
посочила таа.

Бидејќи засега нема никакви сознанија во врска со можните мотиви за нападот, полицијата во Хамбург апелираше до јавноста да не споделува претпоставки и да не шири шпекулации.
Јеховините сведоци се членови на религиозно движење засновано на христијанството. Деноминацијата е основана во САД кон крајот на 19 век, под водство на Чарлс Тејз Расел. Седиштето на движењето е во Њујорк.