Комисијата за УНЕСКО, како што истакна нејзината претседателка – министерката Костадиновска-Стојчевска, ѝ препорачува на Општина Охрид да ја поништи одлуката за начинот на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко-плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти
Општина Охрид уште еднаш да ги разгледа сите активности поврзани со изградба на објектот на крајбрежјето во Лагадин, препорача Националната комисија за УНЕСКО чиј претседател е министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Општината, додаде таа, треба да се води по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и Одлуките на Комитетот за светско наследство, притоа почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.
„Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на Општина Охрид“,
подвлече Костадиновска-Стојчевска.

Комисијата за УНЕСКО, додаде министерката, ѝ препорачува на Општина Охрид да ја поништи одлуката за начинот на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко-плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.
„Се препорачува Општината да донесе нова одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, а имајќи го предвид членот 2 од Законот за управување со светското природно и културно наследство според кој управувањето со светското природно и културно наследство е од јавен интерес, што се врши во согласност со одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон“,
додаде министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО.
Министерката посочи дека во новата одлука што ќе ја донесе, Општина Охрид треба да има предвид дека Законот не предвидува исклучоци како што е наведено во сегашната одлука на Општината според која се спроведуваат постојните урбанистички планови, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.