Фактичката ситуација е дека таму од неколкумина се узурпира државно земјиште. Не може правото на малкумина да го узурпира правото на мнозинството. Таа улица е од значење за градот Скопје и за сите граѓани на градот. Законот е еднаков за сите, и тоа не е предмет на преговори. Узурпирање на државно земјиште повлекува и кривична одговорност, велат од Град Скопје

Во врска со проблемот на жителите на улица „Хо Ши Мин“, кои најавија дека утре ќе излезат на протест со цел да им укажат на градските и општинските власти дека нема да дозволат низ дел од нивните дворови да минува улица што Град Скопје сака да ја прави, повиканите власти велат дека законот е јасен и дека не може да се бара повлекување од неговото спроведување.
На прашањето на „360 степени“ дали може да се очекува повлекување на одлуката на Град Скопје која е испратена до жителите на улицата „Хо Ши Мин“, со која им се наложува во рок од три дена да го ослободат узурпираното земјиште во сопственост на Република Македонија, оттаму испратија одговор дека до тоа не може да дојде затоа што законот е јасен.
„Фактичката ситуација е дека таму од неколкумина се узурпира државно земјиште. Не може правото на малкумина да го узурпира правото на мнозинството. Таа улица е од значење за градот Скопје и сите граѓани на градот. Законот е еднаков за сите, и тоа не е предмет на преговори. Узурпирање на државно земјиште повлекува и кривична одговорност. Оваа улица е од значење за сите граѓани на градот. Се работи за фреквентна сообраќајница, со чија изградба се обезбедува нормален проток на сообраќајот во услови на драстично зголемен број на возила. Градот мора да обезбеди соодветни услови за сите граѓани, а недозволиво е стотици илјади граѓани да чекаат нова улица со години бидејќи неколкумина го узурпираат државното земјиште врз кое е проектирана оваа улица“,
се вели во објаснувањето на прашањата на кои „360 степени“ бараше одговор од градските власти.
Оттаму додаваат дека за овој потег Општина Бутел нема доставено нов или измена на постоечки Детален урбанистички план, ниту е предвидена изградба на згради.
„ДУП носи Општина Бутел, а до овој момент во градот нема стигнато на разгледување ДУП за оваа локација. Дополнителна инфраструктура од градот не е предвидена, единствено се работи на изградбата на булеварско решение кое е нереализирано барање од граѓаните со децении, а истите го гласаа во програмата ‘За модерно Скопје’, како еден од приоритетите за реализација“,
додаваат од Град Скопје.
Жителите, пак, како што веќе пишувавме, решени се дека и со жив штит ќе ги бранат дворовите каде што треба да поминува трасата.
„Ќе излеземе, ако треба и со жив штит ќе ги браниме имотите. Нема да дозволиме улицата да ни поминува во дворовите. Ние не сме против тоа да се направи улицата, но бараме да се помести и да поминува неколку метри подалеку“,
велат тие.
Она на што реагираат жителите од „Хо Ши Мин“ е дека со изградбата на улицата „Боца Иванова“ ќе им биде одземен дел од земјиштето што го користат од 1964 година.
Но, според нив, во целата ситуација проблемот е многу поголем, бидејќи во позадина стои бизнис-интерес. Спроти нивните дворови има празен простор каде што треба да се градат седум висококатници. Затоа тие се уверени дека целта на изградбата поголема улица е да се отвори пат во овој дел за изградба на зградите кои ќе го сменат ликот на населбата. Решението го гледаат во поместувањето на улицата неколку метри, во делот што е предвиден за зградите.
Оние бутелчани со кои разговаравме и кои утре ќе излезат на протест веќе неколкупати барале решавање на проблемот, имаат поднесено петиција до Град Скопје за промена на трасата, а последно што бараат е градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, да им помогне и да стори сè што е во негова моќ и влијание градските власти да ја променат трасата за улицата „Боца Иванова“.
Исто така, од градоначалникот, за кого велат дека ова решение било и негово предизборно ветување, бараат и за наредната седница на советот на Општина Бутел да поднесе инцијатива за промена на Деталниот урбанистички план за овој дел и бришење на маркиците за згради.
„360 степени“ се обиде да стапи во телефонски разговор и со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, но откако не го добивме, на Вибер испративме прашања во кои побаравме одговор како тој ќе постапи по поднесената петиција од жителите на улицата „Хо Ши Мин“, со која бараат тој да инсистира кај градските власти да ја променат трасата за улицата „Боца Иванова“, со што ќе им бидат одземени половина од дворовите кои ги користат повеќе од 40 години. А, исто така прашавме и дали за наредната седница на советот на Општина Бутел ќе поднесе инцијатива за промена на ДУП за овој дел и бришење на маркиците за згради. Оттаму, до објавување и на овој текст, одговор не добивме.