Во нашата програма како прв приоритет ќе биде решавање на сообраќајниот хаос на Клиничкиот центар. Се консултиравме со сите институции и засегнати страни за да можеме во најбрз рок тоа да го решиме. Второ е да ја ажурираме позитивната листа која над 10 години не е ажурирана. На тоа ќе дадеме посебен фокус, рече Меџити во изјава за новинарите
Новиот министер за здравство Фатмир Меџети денеска сподели дел од приоритетите од неговата програма на која ќе биде фокусиран за време на извршувањето на функцијата.

Меџети наброја три приоритетни прашања, од кои дел, ако не и сите, беа и спомнувани како приоритетни од страна на неговите претходници, но останаа нерешени.
Решавањето на сообраќајниот хаос во кругот на Клиничкиот центар тој го наведе како прв зафат на кој ќе се посвети како министер. Како второ тој најави ажурирање на позитивната листа на лекови.
„Во нашата програма како прв приоритет ќе биде решавање на сообраќајниот хаос на Клинички центар. Се консултиравме со сите институции и засегнати страни за да можеме во најбрз рок тоа да го решиме. Второ е да ја ажурираме позитивната листа која над 10 години не е ажурирана. На тоа ќе дадеме посебен фокус и ќе ги провериме сите законски, подзаконски акти, правилници и сè друго што е потребно за тоа да може да биде направено“,
рече новиот министер за здравство во изјава за медиумите.
Воведувањето иновативни методи во лекување и зголемувањето на платите на здравствените работници, Меџити исто така ги наведе како многу важни прашања.
„Како трето и многу важно е пациентите секогаш да ги добијат најдобрите, најквалитетните, најиновативните аспекти во третманот на лекување и исто многу важно е да направиме напори со сите институции, со Фонд за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, со поддршката на премиерот да ги зголемиме платите на здравствените работници како едно многу важно прашање“,
рече Меџити.
Потенцирајќи го фактот дека доаѓа од лекарската фела, тој посочи дека од голема важност е реализацијата на проектите за нов Ургентен интернистички тријажен центар, изградбата на нов Клинички центар и регионализацијата на здравствената инфраструктура во државата. Тој посочи дека во програмата има детален проект за нивна реализација.
„Друго многу важно прашање кое долго време се поставува во државата и кое ни е од голема итност е да го продолжиме проектот за Клинички центар и за регионализација во целата држава односно за другите болници во државата. Во програмата имаме детален проект како ќе се одвиваат работите понатаму“,
изјави министерот за здравство.
Фатмир Меџети, Кренар Лога и Азир Алиу се кадари на Алијанса за Албанците кои со реконструкцијата станаа дел од извршната власт, односно добија министерски позиции.
Меџити со реконструкцијата дојде на местото на Беким Сали од Алтернатива, партија која ја напушти владината коалиција. Лога и Алиу, пак, ги презедоа раководните позиции во министерствата за правда и за информатичко општество и администрација, со кои претходно раководеа Никола Тупанчески, односно Адмирим Алити.