Примерот на кој посочува Зајкова е свеж и доаѓа откако деновиве на социјалните мрежи и во медиумите се појавија објави дека по одлуката на пекарите да го бојкотираат замрзнувањето на цените на лебот што го донесе Владата, домаќинките ќе треба да ги засукаат ракавите и да замесат леб дома
Домаќинките беа повикани да замесат леб, но не гледам проблем и мажот да замеси леб, вели пратеничката и претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова.
Таа во гостување во „Аргумент плус“ на ТВ 24 ова го истакна како пример за да го опише третманот на родовата еднаквост во земјава, за која, како што рече, за жал во нашето општество се зборува како за феномен низ призма на патријархалните стереотипи што сè уште владеат.

Примерот на кој посочува Зајкова е свеж и доаѓа откако деновиве на социјалните мрежи и во медиумите се појавија објави дека по одлуката на пекарите да го бојкотираат замрзнувањето на цените на лебот што го донесе Владата, сега домаќинките ќе треба да ги засукаат ракавите и да замесат леб дома.
„Домаќинките беа повикани да замесат леб, но не гледам проблем и мажот да замеси леб, особено не во ваква глобална транзиција каде што жената и економски придонесува колку и мажот, можеби и повеќе во некои семејства, каде што и таа паралелно одговара на сите современи општествени текови“,
вели Зајкова.
Таа посочи дека во земјава недостасува едукација за родовата еднаквост уште од најрана возраст.
„Родовата еднаквост сè уште ја третираме како некаков феномен за кој треба да зборуваме. За жал живееме во време на патријахалните родови и имаме општество полно со стереотипи кои треба да ги надминуваме. Едукацијата од најрана возраст за тоа што значи родова еднаквост и човекови права треба итно да се внесе во училишните програми. Не треба да живееме како во некој минат век, каде што на жените не им давале ниту да се образуваат. Како општество, само низ едукација може да работиме на промена на свеста, а нè чека уште долга работа и нас политичарите, граѓанскиот сектор и секој еден кој придонесува во општеството“,
вели пратеничката.
Според Зајкова, треба да се работи на медиумската писменост, затоа што не може да дозволиме да излегуваат наслови како “жените треба да ги засукаат ракавите”.
„Се согласувам дека секоја жена е важна и секоја жена треба да биде заштитена. И како општество мора многу да работиме на тоа. Пред сè, тргнувајќи можеби лично од себе. Да, точно е дека ние како политичари треба да имаме повисок праг на толеранција, меѓутоа не знам до каде треба да оди тој праг. Секогаш жената ќе биде најголем предмет на напади, на онлајн вербален напад, па и најчесто тие вербални напади после преминуваат и во дело на напад. Се трудиме да преземеме низа на законски решенија, стратегии, меѓутоа гледаме дека и покрај тие низа на закони, стратегии, решенија, сè уште жената се соочува со насилство“,
посочува Зајкова.
Во врска со неказнивоста таа вели дека голем дел од жените, особено во руралните средини, од страв од стигмата не се осмелуваат да пријават кога се жртва на вербален или физички напад.
„Ние сведочиме на секаков тип на насилство. Кога ќе видите, тргнувајќи од социјалните мрежи, кои се еден нерегулиран простор, па се до секојдневното општествено живеење. Покрај жените, тука ќе потенцирам и за ЛГБТ-заедницата затоа што тие категории на граѓани како никој да не ги третира. Се случува често и внатре во институциите, а и во законодавниот дом да се заборави дека имаме и други ранливи категории на граѓани, како Ромите, лицата со попреченост и други,
вели Зајкова.
Неказнивоста, според неа, е поврзана со горливото прашање на нефункционалноста на правосудсниот систем и ниската доверба на граѓаните во него.
„Сите говорат дека пријавиле или алармирале, а завршница на постапките нема“,
посочува пратеничката.
Според неа, постојат многу голем број механизми кои можат да се искористат за почетна реформа во правосудниот систем.
„Има низа на механизми, но треба политичка волја и консензус, бидејќи работите сами нема да се менуваат и не е целта некој да ја започне реформата, а другиот да ја блокира, потоа обратно и така да се вртиме во круг“,
заклучува Зајкова.