Во нашата држава може да се сомневаме во сè, вели директорката на Академијата на прашањето дали комисијата за прием, во која мнозинство имаат членови поставени на предлог на Судскиот совет и на Советот за јавни обвинители, може да спроведе фер и веродостоен приемен испит, но дадава дека најголем дел од испитот се одвива електронски, во компјутерски центар, со две шифри и случајно генерирани комбинации на прашања
Може ли да се има верба дека Комисијата за полагње приемен испит на Академијата за судии и јавни обвинители може да спроведе фер и веродостоен процес ако најголем дел од членовите на ова десетчлено тело се по предлог на Судскиот совет – четворица и на Советот за јавни обвинители – двајца, а за двата совета постои перцепција дека се под силно надворешно влијание во своето работење? Ова е едно од прашањата на кое во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат одговараше директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска.
Запишувањето на Академијата е долг и тежок процес, вели Габер-Дамјановска, по реакциите за звучните имиња меѓу дипломците од седмата генерација, меѓу кои се синот на актуелниот претседател на Собранието, како и синови, ќерќи и сопружници на поранешни и активни судии, обвинители, адвокати, политичари…

„За сите кандидати првичниот филтер е полагање странски јазик, во рамки на Академијата, (не со сертификати од страна), има стандардизиран тест за ниво Б1. Потоа, следува првиот стручен дел од испитот кој е квалификациски, повеќе се однесува на различни области од правото, имаме се разбира програма која неколку месеци однапред ја објавуваме на нашата веб-страница и кандидатите може да се подготват со прашања, а базенот е огромен, постојат илјадници прашања што кандидатот мора да ги мине за да види како тоа изгледа и да знае на кој начин да се подготви. Потоа, има психолошки тест и тест за интегритет, па следува практичниот дел со полагање две студии на случај од граѓанско и кривично право и финалната фаза е усното полагање“,
вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.
Во комисијата за прием на кандидатите на Академијата, покрај четворицата членови на предлог на Судскиот совет и двајцата на предлог на Советот на обвинители, по еден член даваат Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители, а има и еден психолог и еден претставник на предлог на министерот за правда од редот на раководните административни службеници. За дилемите дали вакво тело може да спроведе фер-селекција на кандидатите, Габер-Дамјановска вели дека најголем дел од приемниот зависи од електронско полагање во компјутерски центар.

„Во нашата држава можеме да се сомневаме во сè. Но, базенот на прашања е во комјутерскиот центар кој е во рамки на Владата. Хостингот го прави фирма, не само за Академијата туку и за други субјекти кои поминуваат низ процес на тестирање за различни други работи во договор со Владата, се прави групна јавна набавка. Ме зачудува кога велат – најден тест ваму-онаму. Како може да најдете тест за прашања што се илјадници и е базен на прашања, кои во моментот кога кандидатот седнува на компјутер, ја впишува својата шифра, алгоритамот работи и вади конкретна комбинација на прашања која ниту еден друг канидат ја нема.
‘360 степени’: Но, ќе се согласите дека алгоритмите дозволуваат да бидат манипулирани бидејќи зависат од луѓе?
Не, можеби јавноста не знае, но комисијата и канидатите и од седмата и од осмата генерација знаат дека секој кандидат кога ги поднесува документите во Академијата, добива своја шифра, затоа што ние ја чуваме анонимноста на кандидатите сè додека не завршат сите фази во рамки на институцијата и потоа се излегува со имињата. Таа шифра со која доаѓа да полага кандидатот е една шифра, втората шифра по систем на лотарија ја вади во моментот на влез во компјутерскиот центар. Самиот канидадат ја влече од мноштвото стуткани ливчиња кои не може да се видат и таа е таа која ја вметнува канидатот во моментот на полагање“,
вели Габер-Дамјановска.

Во однос на човечкиот фактор на влијание и евентуална пристраност при приемот на канидатите, Габер-Дамјановска вели дека секој кандидат има право на приговори ако е незадоволен од резултатите добиени на тестирањето, исто како и за усното полагање. Таа дополнува дека за усното полагање се добиваат два поена, но најавува зголемување на механизмите за заштита од лични влијанија во иднина.
„За да го оттргне чувството на пристрасност, Академијата се стреми отсега да ги снима самите усни одговори, така што кога ќе заврши целата постапка на полагање во Академијата, канидадатот има право на тужба до Управниот суд и потоа до Вишиот управен суд, и по одлуката на Вишиот управен суд завршува целата постапка и Академијата конечно излегува со листата на примени кандидати“,
вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.