Врз основа на работата на инспекциските служби и на Државниот пазарен инспекторат и на Управата за јавни приходи, кои сите се на терен, ќе бидат носени следни одлуки со оглед на тоа како ќе бидат спроведувани двете одлуки, вели Ковачевски
Премиерот најави дека во Министерството за економија се прават анализи во однос на цените и на другите основни прехранбени производи и дека во блиска иднина може да следува замрзнување и на други производи што се сметаат за основни

Компаниите што нема да ја почитуваат новата одлука за Владата и не сакаат да произведуваат и доставуваат леб по замрзната цена ќе бидат казнети согласно законите за трговија, за потрошувачи и за заштита на конкуренција. Ова го најави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање при неговата денешна посета на градинка во изградба во Општина Центар.
Владата, додаде Ковачевски, веќе донесе дополнителна одлука со која ги обврзува компаниите 80 отсто од количините што ги произведувале во декември да мора да ги произведуваат и сега и да ги доставуваат до трговците.
„Врз основа на работата на инспекциските служби и на Државниот пазарен инспекторат и на Управата за јавни приходи, кои сите се на терен, ќе бидат носени следни одлуки со оглед на тоа како ќе бидат спроведувани двете одлуки“,
рече премиерот.
На прашањето дали се предвидени казни за оние компании што нема да ја почитуваат одлуката, Ковачевски рече дека тоа ќе биде согласно законите што ги има во државата.
„Во нашата држава имаме Закон за трговија, Закон за заштита на потрошувачи и Закон за заштита на конкуренција. Сите законски одредби ќе бидат искористени. Прво настапи замрзнување на цената на овие основни прехранбени производи, а потоа ќе бидат искористени и други мерки. Треба да ги имам законите пред мене за да ги цитираме точно. Може службите од Владата да ги извадат и да ги достават до медиумите. Меѓутоа, компаниите и инспекциските служби точно знаат кои се казните според законите“,
рече Ковачевски.
Според Ковачевски компаниите што во моментов не сакаат да произведуваат ваков тип леб се всушност оние фирми што добиле и најголемиот дел од субвенциите за евтина електрична енергија по 80 евра за мегават-час.
„Со тоа сметам дека тие треба да покажат одговорност, да го испорачаат она за што исто така со оваа цена имаат маржа. Калкулацијата која беше прикажана е правена од пекарската индустрија. Разочаран сум од дел од производителите. Беа објавувани сметки дека таков тип леб го продаваа и по 50 денари во доцните ноќни часови. Да се заработува на грбот на граѓаните во вакво време, кога сите треба да покажеме солидарност, тоа е најлошо нешто што може да го направи која било компанија“,
додаде тој.
Ковачевски вели дека не е оправдано објаснувањето на компаниите дека ќе претрпат загуби ако произведуваат леб по таа цена.
„Секој економист ќе ви каже дека не држи објаснувањето дека мала пекарница може да произведе поевтин леб од голема пекарница. Основното правило на економијата е дека поголем производствен капацитет може да произведе и поевтино од помал“,
рече премиерот.
Од друга страна, пак, има компании што се одговорни и кои ги спроведуваат мерките согласно одлуките на Владата, за што Ковачевски им се заблагодари и им честита за тоа што го прават.
Премиерот најави и дека во Министерството за економија се прават анализи во однос на цени и на други основни прехранбени производи.
„Во блиска иднина може да следува замрзнување и на други производи што се сметаат за основни. Но, додека не бидат направени калкулациите и донесени соодветните одлуки, не сакам да давам повеќе информации“,
рече тој.
Владата, според него, носи конкретни одлуки кои се базирани на многу прецизни калкулации.
„Обврска на секој во државата е да ги почитува законите. Постои една работа која и кај физички и правни лица се нарекува етика и морал. Во време на кризата етиката и морал треба да го води однесувањето на сите нас. Како премиер нема да дозволам некој на грбот на граѓаните да прави екстра профит во време на најголема криза“,
нагласи Ковачевски.