Дури и ако не може да се реши јазот околу прашањето за Украина, Индија како домаќин на состанокот ги повика сите членки на Г-20 да постигнат консензус околу прашањата што ги загрижуваат помалите земји. По состанокот беше соопштено дека членките се договориле за повеќето прашања што ги засегаат помалку развиените нации, како што се зајакнување на мултилатерализмот, промовирање на безбедноста на храната и енергијата, климатските промени, родовите прашања и борбата против тероризмот
Денешниот состанок во Њу Делхи на највисоките дипломати на Групата 20 заврши без консензус за војната во Украина, рече министерот за надворешни работи на Индија, Субрахмањам Џаишанкар, по разговорите во кои доминираа војната во Украина и потезите на Кина за зголемување на нејзиното глобално влијание.
Шефот на индиската дипломатија кажа дека имало разлики по однос на прашањето за војната во Украина кои не можеле да бидат усогласени поради различните ставови на различните страни.
„Повеќето членки силно ја осудија војната во Украина и истакнаа дека таа предизвикува огромно човечко страдање и ја влошува постојната кревкост во глобалната економија“,
се вели во извештајот во кој Индија ги сумираше разговорите од самитот.
„Имаше повеќе гледишта и различни проценки за ситуацијата и санкциите“,
се додава во извештајот, осврнувајќи се на мерките што ги воведоа САД и европските земји за да ја казнат Русија за инвазијата.
Во видеообраќањето до министрите за надворешни работи собрани во Њу Делхи, индискиот премиер Нарендра Моди ги повика членовите да не дозволат сегашните тензии да ги уништат договорите што може да се постигнат за безбедноста на храната и енергијата, климатските промени и долгот.

„Се среќаваме во време на длабоки глобални поделби. Сите ние имаме свои ставови и наши перспективи за тоа како треба да се решат овие тензии. Не треба да дозволиме прашањата што не можеме да ги решиме заедно да ги попречат оние што можеме“,
ѝ се обрати Моди на групата во која беа Блинкен, кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг и неговиот руски колега Сергеј Лавров.
Наведувајќи ги стравувањата дека растечкиот јаз меѓу САД и нивните сојузници, од една страна, и Русија и Кина, од друга страна, најверојатно дополнително ќе се прошири, Моди рече дека „мултилатерализмот денес е во криза“.
Дури и ако не може да се реши јазот околу прашањето за Украина, Индија како домаќин на состанокот ги повика сите членки на Г-20 да постигнат консензус околу прашањата што ги загрижуваат помалите земји.
По состанокот, министерот за надворешни работи на Индија соопшти дека членките се договориле за повеќето прашања што ги засегаат помалку развиените нации, како што се зајакнување на мултилатерализмот, промовирање на безбедноста на храната и енергијата, климатските промени, родовите прашања и борбата против тероризмот.
На маргините на состанокот на Г-20 денеска кратка средба одржале американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Според соопштението од американските власти, тие разговарале десетина минути, но засега официјално не е познато на која тема бил нивниот разговор.