Украинските локални власти велат дека нападот е извршен од страна на руските сили кои најверојатно користеле ракета од системот С-300, додека пак претставници на организации во Запорожје кои се под покровителство на Москва за нападот ја обвинуваат украинската противвоздушна одбрана
Три лица загинаa во ракетен напад на руските сили во кој e погодена станбена зграда во Запорожје, соопшти в. д. градоначалникот Анатолиј Куртев, пренесува „Гардијан“.

Претходно информациите беа дека во нападот на петкатната зграда се убиени две лица, но за кратко време националниот радиодифузер на Украина „Суспилне“ објави дека бројот на загинати се искачил на тројца луѓе. Медиумите пренесуваат и дека спасувачките екипи трагаат по преживени под урнатините на зградата, која, како што соопштил Куртев, е речиси целосно уништена.
„Три лица загинаа како резултат на руски ракетен напад на петкатница во Запорожје во текот на ноќта, соопшти националната полиција. Шестмина повредени се хоспитализирани, спасувачите продолжуваат да работат на лице место“,
наведува украинскиот национален радиодифузер.
Според регионалната воена управа на Запорожје, руските сили во нападот најверојатно користеле ракета од системот С-300.
Од друга страна, претставници на организации под покровителство на Москва кои работат во окупираниот регион Запорожје за нападот ја обвинуваат украинската противвоздушна одбрана.
„Дејствијата на украинската војска над моето родно Запорожје доведоа до уништување на стaнбена зграда и до жртви меѓу мирните, невини луѓе. Денеска, околу 2:45 часот (според локaлно време), одекнаа две експлозии во регионалниот центар, привремено окупиран од режимот на Зеленски“,
ја цитираат руските државни медиуми изјавата на Владимир Рогов, полномошникот на Русија и претседател на организацијата „Ние сме заедно со Русија“, која работи во окупираниот регион Запорожје, објавена на Телеграм.
Како што јавува руската новинска агенција ТАСС, Рогов изјавил дека вооружените сили на Украина постојано гаѓаат со противвоздушни ракети врз станбени области, не земајќи ја предвид безбедноста на цивилното население.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година, а Запорожје е една од делумно окупираните области на земјата која Руската Федерација ја анектираше кон крајот на минатата година, иако ја нема целата контрола врз регионот.