Мотивацијата кај бугарските граѓани за учество на предвремените парламентарни избори и понатаму е слаба, покажува истражувањето на агенцијата. Според истражувањето, 39 отсто од Бугарите категорично се изјасниле дека ќе гласаат, 28 отсто се двоумат, а преостанатите, односно 33 отсто, изјавиле дека нема да гласаат
Коалицијата на Продолжуваме со промените (ПП) и Демократска Бугарија (ДБ) води пред ГЕРБ-СДС со 1,2 процентен поен, покажува истражувањето на агенцијата за социолошки истражувања „Алфа рисрч“, а во пресрет на парламентарните избори во Бугарија закажани за 2 април.

Истражувањето, како што пренесува Епицентар.бг, е спроведено во периодот од 25 до 27 февруари оваа година меѓу 1 007 полнолетни бугарски државјани, а информациите биле собрани преку директно стандардизирано интервју.
Според резултатите, забележителен е паритетот меѓу блокот ПП-ДБ, чии лидери Кирил Петков/Асен Василев и Христо Иванов/Атанас Атанасов за која се изјасниле 26,4 отсто од испитаниците и ГЕРБ-СДС која ја има поддршката на 25,2 отсто од интервјуираните бугарски граѓани со право на глас.
Истражувањето на „Алфа рисрч“ покажува дека во новиот парламент на Бугарија ќе влезат пет партии:
- Прва е коалицијата ПП-ДБ со 26,4 отсто
- Следен е ГЕРБ-СДС со 25,2 отсто
- За третото место се борат ДПС и Преродба со 13,2 отсто, односно 11,3 отсто
- Бугарската социјалистичка партија е на петтото место со 7,4 отсто
Агенцијата забележува дека вкупниот резултат на коалицијата ПП-ДБ е под резултатот што двете партии го постигнаа на изборите пред половина година. Партијата Преродба, пак, бележи раст во однос на последните избори, додека јасен пад на поддршката агенцијата констатира кај БСП.
Партијата Бугарски подем со поддршка од 3,8 отсто, пак, е на границата на изборниот праг кој е четири отсто и нејзината партиципација во идниот бугарски парламент е неизвесна. Под цензусот од четири отсто, според истражувањето на агенцијата, се и Има таков народ на Слави Трифонов и НДСВ кои ја уживаат поддршката на 3,2 отсто, односно 1,8 отсто од анкетираните избирачи.
Во анкетата на „Алфа рисрч“, пак, никаде не фигурира националистичката партија ВМРО-БНД, предводена од Красимир Каракачанов, а од чии редови е и европратеникот Ангел Џамбаски.
Мотивацијата кај бугарските граѓани за учество на предвремените парламентарни избори и понатаму е слаба, покажува истражувањето на агенцијата.
Според истражувањето, 39 отсто од Бугарите категорично се изјасниле дека ќе гласаат, 28 отсто се двоумат, а преостанатите, односно 33 отсто, изјавиле дека нема да гласаат.

Триесет отсто од испитаниците категорично изјавиле дека не поддржуваат коалиција меѓу ГЕРБ-СДС и ПП-ДБ, додека само пет отсто би се согласиле со ваква коалиција. Сепак, коалицијата меѓу првите две политички сили на идните избори е несакана за 50 отсто од Бугарите.
„Неспособноста на партиите во последните четири парламенти да донесат стабилна влада, како и неверувањето дека овој пат ќе се објави кабинет, ги демотивира гласачите да учествуваат на следните парламентарни избори. Активноста е слична на онаа на претходните избори, кога беше рекордно ниска. 28 отсто од испитаниците велат дека се неопределени, а 33 отсто дека нема да гласаат. Релативно висока мобилизација е присутна кај најполитизираните гласачи“,
се наведува во анкетата на агенцијата.
Во средината на февруари, во рок од два дена, излегоа две истражувања за ставовите на бугарските гласачи. „Галуп“ даде мало водство на Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија пред ГЕРБ.
Според истражувањето на „Тренд“, ГЕРБ води со околу еден процент пред новата коалиција.